Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој, меѓу другото, ја коментира владината реторика дека ДУИ подготвува дестабилизација.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Премиерот Мицкоски излезе во јавност со тврдење дека ДУИ има план за дестабилизација на Македонија наесен. Вие му одговоривте да ги сподели информациите со надлежните институции по што и министерот Тошковски рече дека и тој располага со слични информации. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, побараа вие да одговорите каква дестабилизација подготвувате заедно со ДУИ, па дали сте дел од таков план?
ФИЛИПЧЕ: Што ДУИ ќе прави и кои се нивните планови е нивна работа и политичка одлука. Доколку институциите имаат какви било информации за нарушување на стабилноста на државата мора итно да дејствуваат, но тоа гледаме дека не се случува.
Освен секојдневните прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ, ниту Мицкоски, ниту кој било друг од владата не почна истрага или презема нешто конкретно. Претседателката Силјановска воопшто не е запознаена со овие најави, Советот за безбедност не е ни формиран, а среде таканаречена дестабилизација, премиерот заминува на одмор.
Би рекол дека ова е крајно неодговорно политичко однесување на власта, ако не се знае дека, сепак, ова е само една добро препознаена тактика за манипулација и дефокусирање.
Од друга страна, обидите да се вовлече СДСМ во целата приказна само потврдуваат дека на владата многу лошо ѝ оди. Општата перцепција е дека ВМРО-ДПМНЕ потфрла на секој чекор и има големо разочарување во јавноста.
Во почетните месеци, ВМРО-ДПМНЕ покажува дека нивната кампања била само голема лага. Но, тоа најмалку може да го покрива со заплашување од дестабилизација и со обид во тоа да го вовлече и СДСМ, преку секојдневна партиска пропаганда. Тоа е само очаен обид за дефокус од проблемите во новата влада.
Сакам јасно да порачам дека СДСМ не е, ниту некогаш ќе биде дел од вакви игри, уште помалку од каква било дестабилизација. Нема да дозволам СДСМ да биде вовлечена во таквите нечесни игри на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски.
ФОКУС: Велите што ДУИ ќе прави е нивна работа и одлука, но кои се вашите проценки? Очекувате ли есенски протести во режија на ДУИ, за кои власта смета дека може да ескалираат?
ФИЛИПЧЕ: Сметам дека, во политичка смисла, на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ многу им одговараат наративите на меѓуетнички конфликт и дестабилизација.
Ова им одговара и на ЗНАМ, кои се целосно маргинализирани во владата, па имаат можност да го оживеат својот националистички наратив.
Оваа стратегија на подигање на меѓуетничката тензија, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја спроведуваа пред изборите, а сега повторно ја враќаат во игра.
Ако се земе предвид дека ДУИ му даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за реорганизација на министерствата, без кои не можеше да се формира влада, тогаш не би се чудел целата работа да е договорена стратегија меѓу двете партии. Дури и да не е договорена, таа во интерес на двете страни.
За жал, ваквите сценарија носат само застој во развојот на државата, на економијата, многу конфузија и страв кај граѓаните. Ништо добро не сме виделе од бескрајните меѓуетнички теми, освен покачени тензии и назадување на државата.
Но, добро е што за разлика од претходниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ, сега граѓаните и стручната јавност многу рано ги препознава истите тактики, а со тоа и ефектот од нив е слаб.
ФОКУС: Со оглед дека предупредувањата за т.н. дестабилизација беа кажани во контекст на иницијативите на Европскиот фронт за озаконување на принципот „победник со победник“ и за територијална реорганизација на државата по белгиски модел, кој е Вашиот став за овие иницијативи?
ФИЛИПЧЕ: СДСМ веќе јасно го кажа својот став дека не поддржува озаконување на тој принцип. Сметам дека постојните законски и уставни одредби соодветно ги дефинираат сите аспекти за избор на влада.
Постизборните коалиции треба да се прават на база на усогласувањата на програмите и идеолошката позиција на партиите, а не да се условуваат по принципот „победник со победник“ во законска регулатива. Право на секоја партија и политички субјект е да избере коалициски партнер, пред или по изборите.
Најавите за некаква територијална реорганизација, според мене, се исто така дел од таа поширока стратегија за подигање на етничките тензии и окупирање на просторот со вакви теми. Такво нешто не може да добие поддршка од ниедна партија, најмалку од СДСМ. Сметам дека тоа е за дневнополитичките потреби на ДУИ и нивно факторизирање.
Да бидам искрен, верував дека овие манипулативни политики и барања ќе завршат со завршување на кампањата, но, за жал, еве гледаме дека продолжуваат. Наша обврска како одговорна партија е да ги разобличуваме и им се спротивставуваме, што досега сметам дека успешно го правиме.
Јас како претседател на СДСМ, никогаш нема да дозволам партијата да биде вовлечена во овие сценарија и ќе функционираме како глас на разумот. Некој ќе рече дека на тој начин не го постигнуваме ефектот, но јас цврсто сметам дека не смее секоја цел да биде оправдана со вакви средства.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.