Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој, меѓу другото, ги коментира и ефектите и последиците од блиската економска и политичка соработка на новата македонска влада со Унгарија.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Откако владата зеде заем од половина милијарда евра од Унгарија, а се најавува заем од уште толку, Вие прашавте дали за возврат Будимпешта треба да презема бизниси и медиуми во Македонија. Може ли да бидете поконкретен – за какви и кои бизниси и медиуми се работи?
ФИЛИПЧЕ: Кредитот од Унгарија, според мене, е спорен од многу аспекти. Во политички и дипломатски контекст нема да елаборирам многу, бидејќи тоа веќе го направив на брифингот неодамна. Ставање на државата во економско и политичко заложништво на друга земја е многу погрешен чекор.
Мицкоски обвинуваше за наводно подаништво на СДСМ кон ЕУ, а сега тој лично е најголемиот поданик на Унгарија, земја со отворено происточни тенденции и нејасна улога во рамките на Европската Унија.
При состојба на ваков долг кон Унгарија, несомнено е дека и политичките одлуки и целосната стратешка ориентација на земјата ќе бидат под силно унгарско влијание. Но, тоа е едниот проблем, другиот проблем е потенцијалната корупција која се спрема со овие пари.
Единствената причина зошто ВМРО-ДПМНЕ реши да земе ваков кредит е затоа што за истиот нема контрола како се троши. Инаку има поволни кредити за стопанството преку европски финансиски инструменти, дел веќе ги користат нашите компании. Ова значи дека овие пари ќе се потрошат неконтролирано што апсолутно значи дека ќе има многу корупција.
ФОКУС: Дали станува збор за Ваши претпоставки или имате и одредени информации?
ФИЛИПЧЕ: Според нашите информации, ВМРО-ДПМНЕ и за делот кој се однесува на проекти од општините веќе преговара со компании кои ќе ги работат проектите, при што ќе бидеме сведоци на офајдување на бизниси блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
ФОКУС: Во исто време кога Унгарија ни позајми нам пари, таа се задолжи во Кина. Паралелно со тоа, унгарски телекомуникациски оператор, кој имал стратешка соработка со кинески гигант, изрази интерес да влезе во земјава. Како ги коментирате овие настани?
ФИЛИПЧЕ: Кога ќе договорите кредит во четири очи, веќе следниот ден стига и фактурата за услугата. Веднаш по кредитот стигна и најавата дека телекомуникациска компанија блиска до Орбан влегува во државата. Таа се најавува како некаква голема инвестиција, која реално ништо нема да донесе за граѓаните и економијата.
Владата не одговaра како унгарскиот мобилен оператор „4iG“ ќе влезе во земјава кога има стратешко партнерство со кинеска компанија, што е спротивно на домашните закони со кои се обврзуваме да користиме телекомуникациски системи од доверливи набавувачи.
Ова е уште еден од серијата чекори кои упатуваат на заклучок дека државата сериозно застранува од стратешкиот правец. Допрва ќе видиме кои се следните фактури кои ќе стигнат и какви бизнис-интереси се кријат зад целата работа.
Кредитот од Унгарија е всушност бизнис-план на Мицкоски, кој со сигурност ќе оди на штета на граѓаните. Три поколенија ќе ги враќаат позајмувањата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ зад кои се кријат очигледни матни намери.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.