Со поранешниот министер за надворешни работи и вицепремиер за европски прашања, а сега претседател на невладината организација „Солуција“, Никола Димитров, разговаравме за актуелните случувања на македонската политичка сцена, но и за несогласувањата кои ги имаше со Владата на СДСМ поради кои не продолжи да министерува со сегашниот премиер Димитар Ковачевски. Вели дека додека бил дел од власта, не бил информиран дека тогашниот премиер Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети преговараат со Никола Груевски за измени на Кривичниот законик. Кои се плановите на неговата невладина организација, но и неговите лични планови прочитајте во продолжение.
Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
ФОКУС: Кои беа конкретните прашања поради кои се разидовте со Владата и не станавте дел од новиот владин состав на Ковачевски?
ДИМИТРОВ: Најголемо разидување беше маката со Бугарија. Јас мислам дека начинот на кој треба да се решава проблемот е со градење пријателство, колку и тоа да е тешко. Морате едно прашање вистински да затворите, а не да мачкате очи. Знаете со колкаво мнозинство помина предложениот пакет, таканаречениот француски предлог во Бугарија? А како е дочекан кај нас? Тоа значи дека сите нивни барања се задоволени, а нашите не. И тоа не е компромис по ниту една дефиниција, кога само едната страна е целосно задоволна.
Инаку, да се разбереме, и пред да се разидеме, јас имав несогласувања во самиот Координативен тим. Во два наврати морав да се заканувам со оставка за да кажам дека оваа црвена линија не можам да ја напуштам, туку ќе излезам и ќе се борам против вас, демократија сме, па ќе видиме. И ова се факти, жалам.
ФОКУС: Која е конкретната црвена линија?
ДИМИТРОВ: Едното беше да не се спои европскиот процес со вакви билатерални прашања. А, другото беше околу објаснување или необјаснување на македонскиот јазик во Рамката. Кој е тој европскиот јазик што се објаснува? За мене преговорите се пакет. Ако има согласност, таа се кажува на крај кога се е договорено. А, тие почнаа прашање по прашање и тоа главно чекор од нас, Софија ништо. И тоа доведе до тоа Софија да рече: епа добро, доволно е ние само да чекаме и тие ќе ги прифатат сите наши барања. Имавме еден однос како да не сме суверена држава, како да не сме членка на НАТО. Ова е спротивно на базична дипломатија и правила за водење на преговори.
И не оди вака кон добро. Јас не можам ова ниту политички, ниту државнички да го разберам. Кој е мотивот зошто решија да ги тргнат нашите црвени линии? Барем дома да владееја европски, па некако човек да рече – овие вистински сакаат да влеземе во ЕУ. Ама, ние имаме сериозен рикверц дома, а декларативно тврдење дека – еве ние се ќе направиме за европскиот сон. И искрено да ви кажам, не верувам. Некој зарем им верува?
ПРИВАТИЗАЦИЈА НА ДЕЛ ОД ЦАРИНА
ФОКУС: Освен Бугарија, имавте други разидувања?
ДИМИТРОВ: Тоа беше клучното, но имав и други борби. Јас бев против легализација на дивоградбите. Не е исто дали се работи за легализација на семејна куќа на социјални случаи или за вили од половина милион евра во национален парк. Јас бев меѓу ретките што се спротивстави на тој Закон.
Имав некои прашања што не излегоа во јавноста, затоа што не поминаа. Генерално јас како што успеав во рамките на МНР, клучно да биде воведување на меритократија, за тој концепт притискав и во сите области. За во МНР за некој да оди напред или да оди да биде амабсадор, да не мора партиите да го предлагаат и да бидат нивни луѓе. Тоа беше мојата битка. Еве пример околу ова што го зборувам – се сеќавам уште во јуни 2017, имаше пример, доаѓа на дневен ред од кадровската комисија каде, има претставници на партите, поделба на Клиничкиот центар, која партија ќе го добие директорското место на која Клиника. И јас ги прашав тогаш дали кога се болни прашуваат кој доктор е добар за тој проблем или кој доктор е од нивната партија?
Јас знам дека можеби граѓаните очекувале да имам моќ секаде да влијаам, меѓутоа, како човек без пратеници, јас главно сум можел да го средам мојот двор, надворешната политика, и тоа честопати преку битка. Да имав пратеници со размислувања како моите, можеби ќе успеев повеќе. Многу е важно и политичките партии да растат и време е партиите да не бидат бироа за вработување. Затоа што ќе си ја уништиме државата. И исто така е време граѓанството да знае дека политиката не се само политичките партии. И ако решиме нешто поинаку да биде, поинаку ќе биде. Но, тоа значи и една непријатност. Мене ќе ми беше многу поедноставно да си молчев. Ама јас решив да бидам лојален на принципот, а не еден човек или на букви. Биле тие букви ДПМНЕ или СДСМ или ДУИ. Јас реков еднаш – со сите сум работел, со сите сум се разишол кога биле моите принципи во прашање, и на тоа сум горд. И немаме многу време. Во следниот период ќе мора да направиме еден пресврт кој мора сами да го направиме, нема ЕУ да го донесе. Ќе мора што е можно повеќе граѓани да кажат „Доста беше“.
ФОКУС: А кои се другите прашања на кои се разидувавте, а не поминаа?
ДИМИТРОВ: На пример, имаше една иницијатива за дел од надлежностите на Царина да се пренесат на приватна компанија. Јас бев еден од тие што не можеа со тоа да се согласат. Неколку пати доаѓаше таа точка на дневен ред, но успевавме да ја вратиме. Имаше и доста други, ама пред се главната разлика беше околу Бугарија и не сакам тоа да се минимизира.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК