Јован Деспотовски е поранешен директор на Фондот за иновации и технолошки развој и се уште актуелен директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони. Воедно, тој стана еден од кандидатите за нов претседател на СДСМ, откако Димитар Ковачевски најави внатрепартиски избори после поразот на двојните избори. По тој повод, со него разговараме за причините за изборниот пораз на СДСМ, за процесот на избор на нов лидер и раководство, за програмата со која ќе ја бара доверба од членовите…
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Според Вас, кои се главните причини за лошиот резултат на СДСМ на двојните претседателски и парламентарни избори и каде треба да се лоцира најголема одговорност?
ДЕСПОТОВСКИ: Постојат повеќе причини за лошиот резултат на СДСМ. Би споменал неколку, за кои сметам дека имаат најголемо влијание кај избирачите.
Прво, очигледно е дека се заборави на реалните потреби на граѓаните. И под ова подразбирам сѐ што е поврзано со секојдневното живеење.
Неспорно е дека се вложија напори за намалување на ударот од инфлацијата, дека платите растеа, но невложувањето во образованието, лошите услови во јавното здравство, нефункционалност на институциите што даваат услуги на широк круг луѓе, неефикасниот и, во многу елементи, неразбирлив и нефер систем на делење на правдата создадоа, не само впечаток, туку и реална состојба во која луѓето се незадоволни.
На ова може да се „налепат“ и впечатокот на неможноста СДСМ да влијае, да наметне агенда во владата и во институциите каде што е носечка политичка сила. Тоа, од друга страна, ги одврати и оние кои можеби беа подготвени да дадат поддршка, но не веруваа дека СДСМ има капацитет, моќ да управува со државата.
Прашањата поврзани со креирање одредени политики, а посебно во спроведувањето, имаа, исто така, свое влијание. На крајот на денот, мислам дека целосно потфрливме со кадровските политики на повеќе нивоа.
Сето ова кога ќе се собере, има и повеќе од доволно и причини и мотив избирачите, па дури и оние традиционално наклонети кон СДСМ да изберат друга опција.
ФОКУС: Дали сметате дека претстојните внатрепартиски избори и цел процес за избор на нов претседател на СДСМ ќе бидат фер и без фаворизирање на некој или некои од кандидатите, како што беше минатиот пат?
ДЕСПОТОВСКИ: Пред три години учествував во процесот на избор на претседател на СДСМ во услови кои не беа идеални. И ова е кажано со многу воздржување и политичка коректност.
Моделот на избор е добар, но човечкиот фактор е пресуден за тоа дали ќе имаме фер трка, во која членовите ќе изберат најдобро решение. Или, ќе имаме трка во која структури и „структури“ во и вон СДСМ ќе определуваат раководство и начин на работа понатаму.
Сметам дека она што се случи минатиот пат беше и охрабрување на носителите на партиски и на јавни функции дека е корисно да се „одметнат“ од луѓето, од избирачите и да станат одговорни и лојални кон поединци или структури на моќ.
Три години потоа, истите тие луѓе, наши членови, но и сите граѓани, јасно кажаа дека тоа не може да помине неказнето. Ако сакаме навистина да покажеме дека сме ја разбрале пораката, тогаш не треба да се прават истите грешки. Моќта на одлучување треба и мора да се врати кај луѓето, кај членовите.
ФОКУС: Досега, неколку кандидати потврдивте кандидатура за нов лидер на СДСМ. Каков исход очекувате? Дали очекувате ли победа?
ДЕСПОТОВСКИ: Да. Доколку успееме да го задржиме процесот во рамки на фер и отворена трка, каде што членството одлучува, тогаш немам дилема во едно – СДСМ ќе победи на 30.06. СДСМ ќе победи во процес што ќе ни овозможи радикален дисконтинуитет со праксата, политиките и кадровските решенија од претходно.
И да, очекувам дека во таков еден процес, пораката, политиките, концептот што го нудиме со еден поширок тим посветени луѓе ќе има убедливо најголема поддршка од избирачите.
Самиот процес на избор веројатно охрабрува поголем број луѓе да размислуваат за кандидирање. И тоа е сосема во ред. Сѐ додека кандидатурите се мотивирани од чисти, јасни интереси за придонес во повторно раѓање на еден силен СДСМ, тоа е сосема во ред. И тие и такви кандидатури само ќе помогнат луѓето дополнително да се мобилизираат, да се охрабрат и да учествуваат во гласањето.
И, тука навистина треба да бидеме внимателни со кандидатури, чија цел може да биде поинаква. Да обезбедат реализација на нечиј личен интерес или амбиција, но и да креираат впечаток на обид за прекројување на волјата на луѓето.
Копирањето одредени пораки и ставови, за да се внесе забуна кај избирачите, како и вклучување „кандидати“, кои откинуваат делови од нечие избирачко тело, се неприфатливи во демократска трка, а најмалку во ситуација во која се наоѓа токму СДСМ. Шансата да покажеме дека знаеме да ги слушаме, но и да ги испочитуваме луѓето е сега и мора да ја искористиме.
ФОКУС: Покрај изборот на нов лидер и раководство, дали на СДСМ му требаат и промени од идеолошки, програмски и од концепциски карактер? Дали партијата треба да се реорганизира или целосно треба да се реформира?
ДЕСПОТОВСКИ Да. Програмата што ја нудиме предвидува сериозни промени во делот на функционирање на партијата. Клучно е враќањето на моќта, на одговорноста кај и кон членовите.
Веќе на следните локални избори, кандидатите за градоначалници на СДСМ ќе се избираат во процес на непосредно одлучување на членовите. Истото потоа ќе се однесува и за кандидатите за пратеници, носители, претседател на државата, како и кандидат за премиер.
Само на тој начин, идните носители на јавни функции од СДСМ ќе знаат дека одговорноста и лојалноста е кон базата, а не кон централата во Скопје.
Покрај ова, програмата нуди уште неколку посуштински измени во организацијата на партијата, потоа модел со кој ќе подадеме рака на сите поранешни важни личности за СДСМ, но и систем на отчетност и мерливи резултати. Многу новини, кои ќе доведат до повторно раѓање на еден нов СДСМ.
ФОКУС: Со каква програма и план ќе ја барате довербата од членовите на СДСМ? Кои ќе бидат важите главни заложби и ветувања?
ДЕСПОТОВСКИ: Сметам дека враќањето на моќта кај членовите и одговорноста за секој што носи партиска и јавна функција е важно.
Притоа, мора да бидеме и јасни во очекувањата во следниот период. СДСМ ќе гради свој однос кон власта врз база на принципи и на програма.
Ќе бидам јасен – сето она што власта ќе го понуди, а се совпаѓа со нашата програма, ние ќе го поддржиме. Сето она што е различно, ќе го погледнеме и ќе дадеме свој придонес да биде поинаку, подобро за луѓето.
Не мора и не треба од старт сѐ да се критикува. Со овој пристап, ќе ги поттикнеме луѓето прво да нѐ слушаат за што зборуваме, а во следна фаза и повторно да ја изградиме довербата.
Исто така, сакам да бидам јасен и за следното. Доколку власта „тргне“ кон наши поранешни функционери, СДСМ ќе биде тука да им помогне во обезбедување правна поддршка, доколку таа им е потребна.
Доколку власта тргне кон наши членови, симпатизери, кон граѓаните што се ангажирани во институциите, но и кон медиумите, независните институции и организации, ќе им ја дадеме целата наша политичка поддршка, а на власта ќе ѝ се спротивставиме со целата наша политичка сила. И верувајте, таа не е мала.