(ИНТЕРВЈУ) Богојески: Со граѓанскиот Устав ќе се лежи затвор за негирање на македонскиот идентитет

by fokus

Во новиот број на неделникот „Фокус“, лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески говори за иницијативата за референдум за граѓански Устав која ја поднесоа до ДИК. Што предвидува граѓанскиот Устав што го предлагаат?

ФОКУС: Регистриравте партија под името Македонски концепт. Кој е македонскиот концепт?

БОГОЈЕСКИ: Тоа е концепт за целосно граѓанска држава на еднакви можности за сите македонски граѓани, без разлика на етничка, верска, политичка или било каква друга определба и убедување. Во суштината на нашата партиска доктрина стои дека покрај граѓанската нација и држава, се поаѓа од индивидуализмот и индивидуалецот кој има право на самоопределување по сите прашања.

Официјална идеологија на партијата е прогресивниот патриотизам, најбрзо растечка идеологија во Европа и во светот. Значи не гол популистички патриотизам: со едната рака да мавташ со знамето, а со другата да го полниш џебот. Туку значи решенија за квалитет на животот на реалниот човек. Да ги штитиш своите интереси, но не тоа да значи злоупотреба на патриотизмот за лични цели.

ФОКУС: Поднесовте иницијатива за референдум за граѓански Устав. Кога би се одржал референдумот?

БОГОЈЕСКИ: Во април-мај ќе направиме референдум за да не кажат граѓаните дека не се прашани за новиот граѓански Устав. И се надевам потоа тоа низ процедура да се ефектуира и да добие поддршка од граѓаните и од сите партии. Зашто тоа е решение за сите нас. И за внатрешни етнички и верски антагонизми, но и за нашите соседи. Решение за Европа, за администација.

Може да вградиме десетици одредби, меѓу кои и екстремно силно решение за заштита на македонскиот етнички идентитет. Нашиот граѓански Устав покрај народ и демос, ќе заштити и македонски етнос. Нешто што го немаме во овој Устав и нешто што нашите соседи често го оспоруваат. Преку заштита на македонскиот етнички идентитет, според најновите препораки на Советот на Европа, ќе се вгради и кривична одговорност за негирање на македонската посебност, самобитност, македонска нација, јазик, етнос…

Секој граѓанин која ќе се обиде тоа да го оспори ќе одговара кривично, Второ, странските државјани кои искажуваат територијални претензии кон Македонија и не ја почитуваат македонската самобитност ќе станат персона нон грата.

На пример, она момчето од Бугарија, како се викаше, Ангелче Џамбаски ќе стане персона нон грата. Исто и другото момче, Костадин Костадинов. Тие момчиња веќе нема да може да доаѓаат во Македонија и да ги вознемируваат македонските граѓани. Доста беше трпење навреди и понижување од разноразни шупелки и белосветски преваранти.

ФОКУС: Дали граѓанскиот Устав кој го предлагате предвидува нешто за терминот „северномакедонци“?

БОГОЈЕСКИ: Доколу некој каже „северномакедонци“, без разлика дали е европски претседател, претседател на Европска комисија, американски претседател, француски претседател, не ме интересира, ќе биде укорен, а при следна употреба ќе добие забрана за влез во Македонија.

„Северномакедонскиот“ идентитет е тешка навреда за македонските граѓани, го суспендира Преспанскиот договор и ќе стане ерес со новиот граѓански Устав.

Во тој поглед би ги релаксирал етнички Македонци, но би ги охрабрил сите други македонски граѓани од другите етнички заедници, вклучително доколку постојат и етнички Бугари во Македонија, дека ова решение е најквалитетно решение бидејќи сите стануваме рамноправни во односот со државата. Нема тука квоти, балансери, Бадинерти, туку мерит систем.

Катерина Смилева Божиновска

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

 

 

Поврзани новости