(ИНТЕРВЈУ) Богоев: Левица не е Сириза, туку Златна зора

by fokus

Во интервју за неделникот „Фокус“, потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев зборува и за политичката партија Левица. Вели дека ја смета за сериозна партија, штом успеала да го земе под, како што вели, залошништво, лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски.

Новиот број на неделникот во кој е објавено целото интервју може да го купите и онлајн на овој линк.

ФОКУС: Левица постојано ви се заканува со таканаречена „пасокизација“. Реални ли се овие закани?

БОГОЕВ: Не. Воопшто не ги ни сметаме за сериозни. А, од друга страна, ако Левица со тоа алудира дека тие се Сириза, не се. Тие се Златна зора. Сириза е сестринска партија на СДСМ со која соработуваме. Ципрас и Заев направија историски исчекор, решија децениски спор. Левица нема ни еден посто од интелектуалните и политичките капацитети на Сириза. А, во нејзиното дејстување, комплетно делува како Златна зора. Практично, не знам зошто таа партија се уште се вика Левица кога нема Л од левица. Таа е станата радикално десничарска партија која фаворизира црква, што за крајно левичарска е несвојствено, фаворизира национализам и која оди против државните стратешки интереси. Жално е што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ влегуваат во трка со нив кој ќе биде порадикален и повеќе ќе се додвори на друг политички блок во светот, на штета на европската интеграција на државата.

ФОКУС: Дали Левица ја сметате за сериозна или маргинална партија, имајќи предвид колкава поддршка добива на анкетите?

БОГОЕВ: Јас сметам дека изјавата на Левица за пасокизација е несериозна. А, Левица како партија е сериозна. Штом успеала да го грабне во политичко заложништво лидерот на најголемата опозициска партија Мицкоски, значи таа е сериозна партија. Дури можеби и посериозна од ВМРО-ДПМНЕ. Ако тие успеаваат да го диктираат темпото, наративот и речникот на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш можеби се и посериозни од нив.

Катерина Смилева Божиновска

 

Поврзани новости