Александар Бајдевски беше заменик-министер за информатичко општество и администрација во Владата предводена во СДСМ и извршувал низа партиски функции. Тој е еден од четворицата кандидати кои влегоа во трка за нов партиски лидер, откако Димитар Ковачевски се повлече после поразот на двојните избори. По тој повод, со него разговараме за процесот на избор на нов лидер и раководство, за програмата со која ќе ја бара доверба од членовите…
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Вашето име најмалку се споменуваше како можен кандидат за претседател на СДСМ и последен објавивте или потврдивте кандидатура. Кои се Вашите главни мотиви да се вклучите во оваа трка?
БАЈДЕВСКИ: Повеќе работи ме мотивираа да се кандидирам: желбата да се помогне во повторна обнова на партијата, долгогодишниот активизам во СДСМ, познавањето на структурите и начинот на функционирање. Но, она што беше пресудно е љубовта кон партијата и луѓето во неа, кои ги сметам за свое пошироко семејство. Убеден сум дека СДСМ може да ја врати довербата прво кај членовите, а потоа и кај граѓаните со концептот на работа кој што го понудив преку поднесената програмата која носи гласи „Секој член е промената“.
Активен сум во партијата од 1995 година и во текот на овие скоро 30 години ја градев мојата кариера чекор по чекор, скалило по скалило. Почнав од член на Извршен одбор на Локален Клуб на СДММ како млад активист, па продолжив до претседател на градската организација на СДММ. Кариерата ја продолжив како член на Извршен Одбор на Општинската организација, преку член на Централен Одбор на СДСМ до Претседател на Градската организација на СДСМ Скопје. Покрај партиските функции, сум бил исто така носител и на јавни функции, избран советник во советот на општина Кисела Вода во периодот 2000-2005 година и од 2017 година ја извршувам функцијата заменик на министерот во министерството за информатичко општество и администрација.
И тоа ми дава за право да сметам дека вистински и суштински ја познавам партија, но и дека имам и големо професионално искуство зад себе со кое можам да помогнам во обновата на СДСМ во наредниот период.
ФОКУС: Што очекувате од процесот – дали очекувате победа? Во спротивно, доколку загубите, дали е можно да бидете дел од новото партиско раководство како потпретседател, генерален секретар и сл.?
БАЈДЕВСКИ: Очекувам и овие избори да бидат фер и демократски како и сите претходни досега. Ќе направам се преку контактите и разговорите со членовите да ги убедам дека токму јас сум најдоброто решение, кое може да ја направи СДСМ повторно победничка партија во наредните 4 години.
Не би сакал да коментирам што доколку изгубам, тоа е тема за размислување после гласањето. Во моментов сум фокусиран на добивање на поддршката од секој член, бидејќи верувам дека можам да одговорам на обврските на оваа сериозна позиција и дека можам заедно со членовите да го вратам достоинството на СДСМ.
ФОКУС: Покрај изборот на нов лидер и раководство, дали на СДСМ му требаат и промени од идеолошки, програмски и концепциски карактер? Дали партијата треба да се реорганизира или треба целосно да се реформира? Ако е така, во кој дел?
БАЈДЕВСКИ: СДСМ има идеологија, иако можеби тоа не се отсликуваше целосно во сите политики што Владата ги имплементираше. Паметам дека во времињата кога растев во СДСМ, далечните 90-ти години, партијата редовно организираше обуки кои ќе ја доближат оваа идеологија до секој член. Моето залагање во наредните години, доколку бидам избран, ќе биде токму враќање на ваквиот начин на доближување на нашата идеологија до секој член. Ќе правам напори вакви обуки да имаме барем еднаш на два месеци во секоја наша структура, и на општинско ниво, но и во СДММ, Форумот на жени и стручните комисии.
Еден од стратешките чекори што треба да ги направиме е да ја вратиме препознатливоста на социјалдемократските политики. Кога некој ќе нé праша за што се бориме, ние мораме да имаме конкретен, јасен и прецизен одговор. За таа цел, потребно ни е враќање на корените, враќање на основните социјалдемократски вредности, слободата, правдата, солидарноста, еднаквите шанси за сите.
Како што се гледа и од мојата програма, јас се залагам за обнова на партијата, а не за целосно нов СДСМ. Изминатиов период направивме анализа на сите форми на делување на партијата во изминатите 30 години, ги извлековме најдобрите и на тоа ќе го базираме повторното воздигнување на партијата.
Се разбира оваа програма не е финална туку е предлог. Финалната ќе ја подготвиме преку средби со сите членови после изборот и со почитување и сериозно разгледување на сите нивни предлози и идеи. Тоа е всушност и една од работите кои ќе сакам да ја подобрам во наредниот период, односно подобрување на двонасочната комуникација меѓу раководството на партијата и членовите.
ФОКУС: Со каква програма и план ќе ја барате довербата од членовите на СДСМ? Кои се вашите главни заложби и ветувања?
БАЈДЕВСКИ: Она од што сакам да почнам е децентрализацијата на носењето на одлуки. Мојата програма предвидува низа на мерки кои ќе ја зголемат моќта на одлучување на секоја општинска организација, а преку нив и на секој член.
Еден таков предлог е преку измена на статутот на СДСМ да овозможиме изборот на органите и делата да се направи подемократски. Најпрво, претседателите на општинските организации нема да се именуваат од мене како претседател, туку ќе се бираат директно од членовите, како што беше пракса до 2013 година. Органите на партијата нема да се бираат со затворени листи туку секогаш ќе се предлагаат најмалку 10, а највеќе 30% повеќе кандидати.
Така на пример, за избор на Извршен Одбор на општинската организација, ако се бираат 15 члена, предлог листата ќе содржи најмалку 17, а највеќе 20 кандидати. Со поединечно гласање за кандидатите, конференцијата ќе се изјасни кои луѓе навистина заслужуваат да бидат членови на извршниот одбор. Истото ќе важи и за листите за Централен Одбор, Надзорен Одбор и сите останати тела на партијата, но и за кандидатските листи за јавни функции, како советници и пратеници.
Најважно ни е партиското функционирање да се врати на старите патеки на соработка, другарство и заедничко одлучување. Исто така, имаме предлог за сосема нов систем за привлекување на нови членови, вреднување на активистите, давање на функции според заслуги и придонес, како и оценување на активностите.
Крајна цел во моето водење на партијата ќе биде за четири години ние да бидеме во позиција да формираме Влада и да ги реализираме нашите политики на државно ниво. И тоа не било каква Влада, туку влада водена од мисија.
Влада водена од мисија е концепт каде што јавните институции и органи на власта работат со јасна, дефинирана мисија која ги насочува нивните активности и политики. Оваа мисија обично се фокусира на остварување на долгорочни цели кои се од важност за општеството како целина, како што се одржлив развој, социјална правда, економски просперитет и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Владата водена од мисија се стреми да биде проактивна, ориентирана кон резултати и одговорна пред граѓаните. Само доколку граѓаните ја препознаат нашата мисија и видат дека имаме визија за државата, ќе можеме повторно да ја добиеме нивната доверба.
ФОКУС: Според Вас, кои се главните причини за лошиот резултат на СДСМ на двојните претседателски и парламентарни избори и каде треба да се лоцира најголема одговорност?
БАЈДЕВСКИ: Се собраа на куп повеќе работи: зголемена корупција, немање препознатливи политики, инсистирање на промена на Устав кога се уште не беше направена атмосферата за тоа, немање реформи во судството, недоволна комуникација со членството и граѓаните, започнување на проекти и нивно прекинување, често менување ставови за одредени прашања итн.
Можам да набројувам уште многу, но сметам дека она што е важно е дека сум свесен за сите овие наши грешки, токму поради редовната комуникација и слушање на мислењето на членството. Се обидував да влијаам изминативе години да се променат некои од тие работи, но за жал неуспешно. И токму тоа ми е мотивацијата да се кандидирам, бидејќи знам дека во СДСМ има чесни и квалитетни луѓе кои можат вистински да ја водат државата напред и мислам дека ќе можеме заедно да ја вратиме довербата на граѓаните.