(ИНТЕРВЈУ) Апасиев: Знам судии кои плаќале мито на пратеници, а новинари пред мене нарачувале закони од министри!

Државата прво треба да прочешла стотици функционери - пратеници, министри, државни секретари... И тоа го има решено Италија со нивните антимафијашки закони. Дури и лајфстајлот се оценува. Ако ти си работничка класа, а возиш ламборџини и пушиш не знам какви пури и носиш саати од 60.000 евра, таа комисија што ќе се формира има право се да провери, вели Димитар Апасиев за „Фокус“.

by Фокус

Во најновиот број на неделникот „Фокус“ објавуваме интервју со пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев, кој, меѓу другото, говори за конфронтацијата на Левица со дел од медиумите, како и за состојбите во правосудството, при што изнесува сериозни обвинувања, тврдејќи дека во негово присуство новинари нарачувале закони од министри, а вели дека лично знае и судии-милионери, како и лица кои им плаќале мито на пратеници за да станат судии.

Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Колку најавеното распуштањето на советите за судии и обвинители може да ја врати довербата во правосудството?
АПАСИЕВ: Јас сум изгубил надеж за тоа, тие тела се модели кои се нефункционални. Имате судии избирани во тефтерчиња и во едната и во другата гарнитура.

Знам примери за милионери судии, судии кои на пратеници давале 10-15.000 евра мито за да станат судии или колеги мои за да се запишат на Академија. Ова е пролупан модел, како сакајте шминкајте го тоа е само лечење на полумртов пациент.

ФОКУС: Според Вас, кое е тогаш решението?
АПАСИЕВ: Има решение, но тие се рески. Едно е естонскиот модел на предвремена пензија на сите и избирање ново.

Друго е антинепотистички закон, лекс специјалис, да не може мајката да е судијка, таткото обвинител, синот адвокат, ќерката нотар во исти апелациски подрачја, тоа практично се судско-адвокатски мафии.

Следно е потекло на имот. Имате судии кои се милионери. Сега имавме судија кој 95 пати се слушнал со странка додека му го судел процесот!? Тоа е недозволиво. Имате механизми, познати се, но нема политичка волја.

ФОКУС: Што мислите за идејата која не успеа да ја истурка СДСМ, а сега е дел од програмата на новата Влада, за потекло на имот на сите граѓани?
АПАСИЕВ: Тоа е преголем залак со ваква бирократија, треба да биде стратешки осмислено, видовте што се случи со лустрацијата. Фазно треба да се спроведува, прво треба стотици функционери државата да ги прочешла – пратеници, министри, државни секретари… И тоа го има решено Италија со нивните антимафијашки закони.

Дури и лајфстајлот се оценува. Ако ти си работничка класа, а возиш ламборџини и пушиш не знам какви пури и носиш саати од 60.000 евра, таа комисија што ќе се формира има право се да провери.

И да се оди со роднинска поврзаност зашто пајаковата мрежа е најчесто по роднинска или бизнис поврзаност. Има модели, само не се применуваат зашто не им одговара. Тоа може само Левица да го направи, бидејќи ние не должиме на никој, на олигарси и лобисти.

(ИНТЕРВЈУ) Апасиев: Патот на Западен Балкан кон ЕУ е затворен, ние ќе останеме гнојарникот на Европа!

ФОКУС: Често сакате да се конфронтирате со дел од традиционалните медиуми. Нели сметате дека тоа ви е контрапродуктивен пристап, со оглед дека се уште станува збор за најмоќни медиуми? Направивте ли тука стратешка грешка?
АПАСИЕВ: Стратешки не, но тактички погрешивме што влеговме фронтално против медиумите, зашто тоа нѐ чинеше 3 пратеници. Но, јас сум ленинист и мислам дека не постојат независни медиуми! И мислам дека новинарите се покорумпирани и од политичарите барем, во македонски прилики.

ФОКУС: Врз основа на што го тврдите тоа?
АПАСИЕВ: Јас лично знам за расипани ваши колеги кои буквално се пазарат, пред мене имаат вртено на министри за да помине некој закон и сл. Шемите на бизнис-новинари се провлекуваат и јас сум лут на оваа црно-бела слика во медиумите, цело време ДПМНЕ–СДСМ, како ние да не постоиме.

Но, тактички си го плативме цехот, а стратешки мислам дека оние концесии на 5-те национални медиуми треба да се одземат на некој од нив, не кажувам на кој но треба да се одземат.

И со времето добра е позиционираноста на Левица да инвестира во социјални наместо во традиционални медиуми, зашто за 1-2 изборни циклуси отсега порталите и социјалните медиуми ќе бидат доминантни.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости