(ИНТЕРВЈУ) Апасиев: Патот на Западен Балкан кон ЕУ е затворен, ние ќе останеме гнојарникот на Европа!

Ако геополитички не се престроиме, ние буквално ќе завршиме како депонија, каде ќе се гори европскиот отпад, кај што ќе се носат европските имигранти да живеат и да ни плаќаат кирии, каде ќе се носат и џихадисти. Видовте од Иран дојдоа во Драч. Буквално ќе не перцепираат како дива територија, каде не важат закони и цел валкан веш од кај нив ќе го складираат кај нас, вели лидерот на Левица Димитар Апасиев во интервју за неделникот „Фокус“.

by Фокус

Во најновиот број на неделникот „Фокус“ објавуваме интервју со пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев, кој, меѓу другото, вели дека патот на Западен Балкан кон ЕУ е долгорочно затворен. Според него, интересот на Европа е овој дел да служи како депонија каде што ќе се случуваат највалканите работи. Тој смета дека државата треба геополитички да престрои.

-Во следна светска војна, на Балканот балканската војна ќе биде во Косово, Република Српска и евентуално Македонија. Тие се жариштата, тие тлеат и доколку не се решат, а мислам дека Западот намерно не гледа интерес да ги реши, не ни се пишува добро. Прашање на време е да ни кажат дека сме во Трета светска војна. Ако видите, Втората светска војна не почнала 41-ва, туку претходно. Така и сега.

Војната во Украина беше крај на меѓународниот поредок кој ние го познававме, во кој ние растевме и кој мислеа нашите геостратези дека ќе трае цел живот. Не, тој се распадна и сега имате една мултиполарност, во кој умешни политичари со визија би знаеле да се постават. Зборувам за политичари од рангот на Тито, еве мене не ми е шубе да го споменам, ако на Мицко му е шубе.

Луѓе што гледаат каде се движи светот и знаат да се престројат, знаат да играат и со Русите и со Американците и со Кинезите и со сите. Овој западнистички концепт се виде дека нас не ни мисли добро. Впрочем, ако сакате да вулгаризираме – Американците не се наши стратешки партнери, тие се стратешки партнери на албанското малцинство и при секој евентуален иден меѓуетнички конфликт тие ќе застанат на нивна, а не на наша страна.

Ние како мали држави на Балканот немаме друг концепт, освен концептот на балканската левичарска федерација или конфедерација и некои такви иницијативи кои ќе не живнат привремено додека не влеземе во ЕУ. Но, патот кон ЕУ на Западен Балкан мислам дека е долгорочно затворен. Тука би се сложил со Николоски дека Албанија никогаш нема да влезе во ЕУ. Интересот сега на ЕУ е Западен Балкан да остане енклава.

(ИНТЕРВЈУ) Апасиев: Ајде бујрум нека се случи 2001, да видиме кој ќе го извлече подебелиот крај!

Би имале секаков интерес. Еве, на пример, енергетски интерес. Ние ќе бидеме практично депонијата на Европа, каде ќе се копа литиум во Србија, ќе се носи отпад од Италија да се гори во нашите фабрики. Еве имате имигрантска криза во ЕУ и како ја решаваат? Со тоа што градат бегалски кампови во Албанија.

Како да се изразам? Секој манастир, колку и да е чист, има еден рид кој, ако сте ја читале „Името на розата“ од Умберто Еко, се вика гнојарник, каде се фрла отпад. Ние ќе останеме гнојарникот на Европа, зашто секоја чиста градина мора да има нужник. Ние ќе бидеме нужникот на Европа, каде ќе се случуваат највалканите работи.

И затоа ако геополитички не се престроиме, ние буквално ќе завршиме како депонија, каде ќе се гори европскиот отпад, кај што ќе се носат европските имигранти да живеат и да ни плаќаат кирии, каде ќе се носат и џихадисти. Видовте од Иран дојдоа во Драч. Буквално ќе не перцепираат како дива територија, каде не важат закони и цел валкан веш од кај нив ќе го складираат кај нас.

Мислам дека Албанците се многу практичен народ, многу попрактичен од нас, и тие секогаш историски биле со посилните. Ви тврдам дека за 10 години, ако геополитичката слика се промени и светска сила стане Кина, тие ќе бидат про Кина. И ќе се повикаат на комунистичкото минато на Енвер Хоџа и Мао Це Тунг, зашто тие соработуваа. Тие се многу прагматични, кога победувале Отоманците биле со Отоманците, кога победувале Американците биле со Американците… – вели Апасиев.

Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости