Во најновиот број на неделникот „Фокус“ објавуваме интервју со пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев. Тој вели дека досега се покажало дека Левица не е фејсбук-партија, туку сериозна партија со бројно членство, која народот почнал да ја препознава како „вистинска опозиција“. Според него, партијата ќе постигнела подобар резултат на последните избори, доколку, како што посочува, не бил медиумскиот бојкот и формирањето на ЗНАМ.
–Се случи медиумски бојкот на Левица, кој и тоа како не чинеше. Ако се вратите ретроспективно, ние пред 3-4 години бевме речиси секоја недела на некоја дебатна емисија, а потоа веќе 2 години не бевме никаде и ни останаа само социјалните мрежи. Сета среќа што живееме во 21 век и ги имаме и тие социјални мрежи, замислете да сме 90-тите години – никој немало ни да не споменува.
Исто така, се случи проектот ЗНАМ, кој беше и тоа како бустиран. Јас направив едно блиц-истражување, од кое произлегува дека Максим Димитриевски за само 2 месеца гостуваше повеќе пати на национални телевизии отколку сите членови на Левица во изминатите 2 години! Знаете колкав е тој буст?
Најмногу кај нас луѓето сѐ уште гледаат телевизија. Иако во перспектива тој број се намалува и се оди кон социјалните медиуми, сепак, возрасните луѓе, заедно со таа каша-попара од програма што ја имаат со турски серии, ги лепат на вести и тие гледаат вести. А на вестите сликата е како да нѐ нема – вели Апасиев.
Тој додава дека кога ја презел Левица, партијата имала 6 ограноци, а сега има 60 ограноци. Тоа, според него, значи дека Левица не е четврта или петта партија, како што е по бројот на пратеници, туку по инфраструктура е трета партија, веднаш зад ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Дури, тој вели дека Левица можеби е и пред СДСМ, која смета дека моментално е како „раштиман оркестар“.
–Јас сега, ако смеам да шпекулирам, се плашам дека клиничката смрт на СДСМ ќе биде оживеана со истото тоа сценарио, со западнистички „енџио“-јашки, удбашки структури од Запад, зашто Западот, токму поради таа можност за влијание врз нашата политичка сцена преку едните кога другите се на власт, тоа ќе го искористи.
И тоа на нас како Левица ни претставува најголем проблем. Да остават автохтоно да се развива грасрут движење Левица и СДСМ ние и тоа како ќе го надминеме, но тука ќе имате повторно странски пари, црни пари, исто како за Преспанскиот. Буквално, „брејн-вошинг“ на народот преку финансиски инјекции за поддршка на СДСМ и нивните папагали.
Мислам дека Западот ќе го балансира Мицкоски преку овој рецепт, зашто досега се покажа успешен. Зошто се покажа успешен? Бидејќи ние имаме племенски модел на држава, каде преку албанското малцинство може да ви ја контролираат власта. Груевски затоа одеше на 61 пратеник и успеа донекаде, но Мицкоски ја нема ниту инфраструктурата, ниту табиетот, ниту ништо. Тој е третиот ешалон на Груевски – вели Апасиев.
Тој за себе вели дека идеолошки е санданист, јакобинец и кемалист, додека Левица е социјалистичка партија, зашто, според него, има поширок спектар и не се хард-кор комунисти или анархисти. Во однос на прашањето за речникот што го употребува, вели дека применува интересен метод, а тоа е „со сељаците сељачки, а со интелектуалците интелектуално“. Се осврнува и на делувањето на Левица во Собранието, велејќи дека, ако дојде „нож до коска“, не бегаат и од тепачка.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.