(ИНТЕРВЈУ) Ампева: Иницијативата за бесплатен оброк за учениците е во вистински момент поради осиромашувањето на народот

by fokus

Со Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ разговаравме за прехрамбената сиромаштија кај семејствата на текстилните работнички и како тие успеваат да им обезбедат оброк на своите деца за во училиште. Таа смета дека со воведување на бесплатен оброк за сите ученици ќе им се помогне и на родителите, но и ќе се намали социјалната нееднаквост.

Дали текстилните работнички чиишто права ги застапувате при секојдневното живеење се соочуваат со прехранбена сиромаштија?

АМПЕВА: Да, секако, со ниските плати, каснењето со исплата на истите, најголемата стапка на инфлација која ја имаме во државата, дефинитивно се соочуваат. Дополнително, во минатото тие имаа право на платен превоз и хранарина, но истото беше укинато преку колективниот договор и започна примена на концептот бруто плата каде се е пресметано во истата таа бруто плата. Баш кога ја споделив петицијата на Еквалис за бесплатен оброк на учениците, работничка од истиот сектор ми остави коментар дека дава максимална поддршка за петицијата, но и да се врати храната во приватниот сектор, индустријата како што беше и порано.

Дали текстилните работнички можат им обезбедат секојдневна ужина на своите деца во училиште или се случува да останат гладни за време на наставата?

АМПЕВА: Каков е тој оброк, е прашањето. Дали е доволен за возраста, дали е доволен за времето поминато на училиште, колку е хранлив? Мислам дека работниците од конкретната индустрија не можат многу да си дозволат. Затоа и припремаат оброци од дома, или пак ги запишуваат децата да земаат храна од училиштето каде состојбата е најчесто дека имате само една пекара која се јавила на тендер, бели пецива со некој ситен додаток како сокче, млеко и слично, главно нездрава храна, со никаква хранлива вредност по сума од некои 1000 денари месечно кои треба да се платат. Одамна ги нема училишните мензи, но образованието е поодамна крахирано заедно со условите кои порано ги имало , а сега веќе не.

Дали минималната плата која е предвидена за текстилните работнички согласно важечките колективни договори е доволна за да овозможи задоволување на основните потреби на децата во училиште?

АМПЕВА: НИКАКО! Не можат ниту за децата, ниту за нив за овозможат оброк и ужина за тоа време, а тоа да е и здраво и со доволно калорична вредност. А, не мислам дека ѓевреци и јогурти се хранливи, но пак се најевтини.

Како различниот социјален статус влијае врз емотивниот развој на децата, однос и интеграција помеѓу децата на училиште?

АМПЕВА: За жал, тоа одамна не е тема на разговор. Толку имаме распаднат систем, вредности, општество, што не мислам дека до сега било на јавен дискурс. Благодарение на вашата иницијатива, со доволно поддржувачи на нас како активисти, организации кои третираат социјални теми, ученици, но и нивните родители, мислам дека можеме да направиме голема промена. Ова е важно прашање, нетретирано до сега, но се појавува во вистински тајминг поради осиромашувањето на народот, намален животен стандард  дури и на работникот, цели семејства се во сиромаштија и особено во време на ваква криза каква што имаме од 2020 па до сега и која само се продлабочува, никако да се види крај. Во ера на булинг, на искривени вредности, на тоа кој какви патики и брендови носи, додека има деца во апсолутна сиромаштија, ваква мерка ќе биде од огромно значење.

Дали имате слушнато нечија приказна за дете кое гладува за време на големиот одмор и како реагираа детето и околината, доколку знаете некој случај да споделите со нас?

АМПЕВА: Како мајка на три деца, постојано слушам за булинг и нееднаквости , односно, двоење поради социјални разлики меѓу нив, но можам да прочитам само на социјалните мрежи од неколку наставници чии сведоштва ми беа претажни и нефер за деца да минуваат низ тоа. Инаку, моите деца се воспитани да делат ужинка, да помогнат ако некој е во неволја, па среќна сум што знаат да кажат дека некој заборавил храна тој ден, па му поделиле сите другарчиња за да не остане гладен. Не дека се работи за дете во сиромаштија, туку ете, се случува. Важно е и како наставниците им пренесуваат за такви некои вредности и принципи, солидарност и другарство. Но, и домашно воспитување секако.

Како ќе влијае воведувањето на бесплатен оброк врз надминувањето на социјалните разлики помеѓу децата?

АМПЕВА: Мене ми е ептен драго што една моја иницијатива влезе во реализација, делумна, во мојата општина, а се работи за ученички униформи на ученици од прво до петто одделение. Тоа е нешто што порано го имало, а во време на економска криза и ваков булинг поради социјални разлики, ова ќе биде од големо значење во надминување на тие разлики. Сите ќе се облечени во исто и уште од најмала возраст да престане делење по статус , брендови и слично.
Па мислам дека и со бесплатен оброк ќе се помогне на родителите, ќе се намали нееднаквоста и социјалните разлики. Воедно, нема да се доведеме да паднеме и под дното со тоа: нашите деца, ученици да се гладни на училиште.

Ова интервју го направија група младински активисти во рамки на младинската програма за онлајн актвизизам имплементирана од Здружението за едукативен развој Еквалис во партнерство со Фокус, а поддржана од Националниот фонд за демократија, Европската младинска фондација и Советот на Европа.

Поврзани новости