ИНТЕРВЈУ Ајтен Рамадани: Силувањата во војните се едни од најсериозните меѓународни злосторства!

by fokus

Д-р Ајтен Рамадани е главен советник за полициски работи во кабинетот на заменикот министер за внатрешни работи, д-р Агим Нухиу. Сепак, она по што Рамадани е препознатлива се нејзините истражувања засновани на родово насилство. Конкретно, таа го истражуваше процесуирање на случаите на масовни силувања во трибуналите за поранешна Југославија и Руанда.

ФОКУС: Кој ви беше мотивот за истражување на оваа крајно чувствителна тема?

РАМАДАНИ: Страдањето на жените беше главната причината да навлезам во оваа тема и потоа и да ја одберам како тема на моето докторско истражување. Етничкото чистење односно геноцидот во Босна и Руанда не се првите случаи во кои жените страдале од насилство. Сепак, овие конфликти го направија  сексуалното насилство кон жената видливо и јавно, и го свртеа вниманието на меѓународното јавно мислење за човековите права на жените за време на конфликтот. Шокирачките сексуални злосторства како централни карактеристики на војната во Југославија (толку блиску до нас) и војната во Руанда излегоа на виделина. Стана јасно дека силувањето беше користено како средство на војување и беше дел од етничкото чистење кое ги придружуваше овие војни. Во обете нив, незамисливи злосторства над жените беа сторени како дел од официјалните политики на војната.

Видете, и поопшто, до денешен ден женската инфериорност препишана на жртвите на сексуалните деликти како спротивност на родовата супериорност на мажите, кореспондира со општествените перцепции за женкоста и машкоста. Во оваа смисла можам слободно да кажам дека силувањето е преземено против жените како род и продожува да се случува поради нееднаквиот статус на жените во општествата. И таа нееднаквост се провлекува во приватните и јавните односи постојано, и ја чуствуваме и во нашето општество.

ФОКУС: Дали сознанија до кои дојдовте при истражувањата ви корист при секојдневната работа?

РАМАДАНИ: Искрено му благодарам на заменикот министер, г-динот проф д-р Агим Нухиу што имаше доверба и ме вклучи како дел од својот тим. Сметам дека сум на место на кое можам да придонесам и по овие родови прашања (видливи или помалку воочливи наследени форми на нееднаквости) во текот на извршувањето на моите работни задачи.

ФОКУС: Велите дека сексуалните деликти се израз на нееднаквите родови односи. Значи ли тоа дека не постои разлика помеѓу силувањето во војна и она кое се случува секојневно во мирнодопските држави?

РАМАДАНИ: Видете, секако дека секое силување, во војна или мир, е акт на екстремно насилство, остварено на сексуален начин. Тоа е напад на телото на жената кој го крши нејзиниот физички интегритет како и нејзиниот субјективитет. Силувањето е дел од структурите кои ги регулираат нееднаквите односи на моќ помеѓу мажите и жените во речиси секое општество. Сепак, силувањето во воено време или масовното силување се издвојува од силувањето кое се случува во мирновремени услови. Тоа се разликува во размерите и планирањето кое е вклучено. Имено, утврдено е дека распространетоста на силувањето драматично расте во текот на оружените конфликти. Силувањето во време на војна е колективен потфат. Тоа е впрегнато во остварување на различни цели вклучувајќи заплашување, понижување, политички терор, изнудување на информации, наградување на војниците, и „етничко чистење“.

ФОКУС: Според она што го кажавте, дали значи дека жените се дел од тактиката на војување?

РАМАДАНИ: Да, токму така. Студиите јасно истакнуваат дека родовно-базираното насилство е оружје кое се користи во војна. Па така, животите на жените за време на оружен конфликт се менуваат паралелно со промената на самата природа на конфликтите која се случува последниве триесетина години. Промената на природата на конфликтите од меѓународни во внатрешни конфликтот направи цивилното население да биде примарна мета на вооружениот конфликт.

Во меѓународните војни, примарни учесници во конфликтот се редовните армии на завојуваните страни, воглавно мажи; но во внатрешните војни, цивилите стануваат и примарен учесник и мета, а жените и децата ја понесувват најголемата штета. Силувањето се користи за да се испорача одредена порака од една група на мажи до друга; телата на жените стануваат инструмент за комуникација. Всушност за време на етничките конфликти, сексуалните злоупотреби и понижувања го достигнуваат својот врв, бидејќи конфликтот помеѓу мажите базиран на етнички и национални разлики и непријателството ја прават жената примарна мета.

ФОКУС: Третирањето на телото на жената како „инструмент за комуникација“, како што самата споменавте, повторно на површина ја вади онаа нееднаквост меѓу половите?

РАМАДАНИ: Да. Тука доаѓаат до израз културните, религиозни и национални идеологии за  контрола над жената кои се вткаени во самите социјални норми на групите. Овие идеологии се родово-засновани и низ нивната призма може да се разбере како жените се жртвувани за време на ваквите конфликти споредено со војните воопшто.

Затоа и за разлика од повеќето други жртви, жртвите на силување  или други форми на сексуално насилство, немаат само грижи кои се поврзани со нивната сигурност, туку нивните грижи се често се поврзани со прашањата на достоинство, и на нивната приватност исто така. Во многу општества, на жртвите на силување се уште се гледа како да сториле нешто лошо, како самите тие да се виновни за она кое ним им се случило, наместо сторителите. Понекогаш  тие се сметани за извалкани или осквернавени, дури и од членовите на нивните семејства.

ФОКУС: Дали поради тоа жртвите се повлекуваат во себе и не сакаат да сведочат?

РАМАДАНИ: Жртвите кои доаѓаат од таквите општества, поради овие причини често не сакаат да сведочат, но доколку се одлучат на тоа, тие ќе сакаат да сведочат само доколку нивниот идентитет биде сокриен. На пример, доколку некоја жена во Руанда или Босна е позната како некој кој преживеал геноцидно силување, таа може да биде подведена под одбивање и стигматизација од сопствената заедница или од членовите на нејзината фамилија, но и од свршеникот или сопругот. Доколку преживеаната од силување има деца, тогаш нејзината изолација може да ги достигне и нив.

На пример во еден случај за кој постои извештај, жртвата на силување сведочела пред Трибуналот (Руанда) без знаење на нејзиниот свршеник. Таа никогаш не му кажала на својот свршеник за тоа дека била жртва на многукратни силувања за време на траењето на геноцидот во Руанда. По нејзиното враќање од Аруша станало јасно дека протекле детали за нејзиниот идентитет. Кога нејзиниот свршеник дознал дека таа е преживеаник на силување, веднаш ја напуштил.

ФОКУС: Тогаш кој е најдобриот начин да се заштитат овие жени, а сепак и да се дојде до правда?

РАМАДАНИ: Најдобар правен лек би била промената на мислењето за преживеаните жртви на силување во општествата кои се засегнати со ваквите ситуации, со цел да бидат отфрлени срамот и стигматизацијата кои се приврзани на злосторствата на сексуално насилство.

Во меѓувреме, за да ги заштитат од одбивање и стигматизација од нивната околина, Трибуналите применија неколку мерки за тајност, кои имаа цел да ги заштитат жртвите од откривање на детали за нивниот идентитет во јавноста и во печатот.

ФОКУС: Трибуналот за поранешна Југославија заврши со својата работа. Дали сметате дека направи нешто за овие жртви на силување?

РАМАДАНИ: Судската практика на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда (ќе говорам за двата трибунали заедно) е фундаментална во дефинирањето на злосторствата на сексуално насилство во меѓународното право. Јуриспруденцијата на двата Трибунали исто така играше важна улога во воспоставувањето на статусот на сексуалното насилство како воено злосторство, злосторство против човештвото и акт на геноцид. Значи, токму како резултат на напредокот кој произлезе од двата трибунала, силувањето може да биде кривично гонето како подвид на воено злосторство, како злосторство против човештвото или како геноцид. Со воспоставувањето на Трибуналите не е унапредено единствено материјалното меѓународно кривично право. Нивните Статути исто така вклучуваат определени нови процедурални правила за сексуалното насилство кои ги земаат во предвид чуствителностите поврзани со сведочењето на жртвите на сексуално насилство.

ФОКУС: Дали самите судии се свесни за чувствителноста на ваквите случаи?

РАМАДАНИ:Искуството пред Трибуналите покажа некои обесхрабрувачки практики во поглед на третманот на жртвите на сексуално насилство во текот на судските постапки. Агресивното накрсно испрашување на жртвите на силување без соодветни интервенции на судиите и Обвинителот беше сериозна траума за нив. Важно е жртвите на сексуално насилство  да бидат третирани со почит и нивната физичка и психолошка благосостојба да биде земена во предвид. Само тогаш тие ќе бидат волни да сведочат во судските постапки против своите злосторници.

Сепак, морам повторно да потенцирам дека процесуирањето на случаите на масовно силување пред Трибуналите за поранешна Југославија  Руанда се покажа како прествртница во признавањето на сексуалното насилство како воено злосторство, злосторство против човештвото и акти на геноцид. Тоа понатаму продолжи со вклучување на различни форми на сексуално насилство во статутот на Меѓународниот кривичен суд, со зголеменото внимание кои му се дава на родовото насилство во меѓународните договори и документи на Обединетите нации и изјави на Генералниот секретар на ООН, новите напори да се адресира сексуалното насилство во разните хибрдни судови, како и со скорешното признавање на родовите деликти од регионалните тела за човекови права. Сето ова укажува на тоа дека силувањето и останатите дела на сексуално насилство почнуваат да се разбираат како едни од најсериозните меѓународни злосторства.

Разговараше: Валентина Вурмо 

 

Поврзани новости