Интерпелацијата на Јовески пред пратениците во Собрание

by Fokus

На денешната собраниска седница ќе се расправа по Предлогот за интерпелација на државниот обвинител Љубомир Јовески, поднесен од пратеници од опозицијата.

Интерпелацијата е ставена како 13 точка на дневен ред на пленарната седница.

Пратениците од опозициските партии на Албанците кои ја поднесоа интерпелацијата на 04 октомври на прес-конференција обвинија дека претседателот на Собранието Талат Џафери одбегнува да ја стави на пленарна седница.

„Нашето основано сомнение е дека тој имал улога во поинакво насочување на судскиот процес што се водел во врска со пожарот на модуларната болница во Тетово, при што загинаа 14 пациенти, рекоа претставниците на Алтернатива, Беса и Демократско движење.

Јовески во својот одговор до Собранието по поднесената интерпелација ја објаснува целата постапка за судскиот предмет за пожарот во тетовската модуларна болница во кој на 8 септември 2021 година загинаа 14 лица.

Јовески тврди дека поднесената интерпелација за овој предмет значи дека институцијата со која тој раководи е постојано изложена на неосновани напади и обиди за дискредитација кои во крајна линија, како што вели, се една од основните причини за ниската јавна доверба во правосудните органи воопшто. Тој тврди дека никогаш во ниту еден момент во текот на оваа постапка немало обид за влијание и притисоци.

Пратениците ќе расправаат и за Предлог одлуката за објавување на јавен оглас за избор на претседател и членови на Антикорупциската комисија, чиј мандат истекува во февруари.

Поврзани новости