Група пратеници од партиите Алтернатива, Движење БЕСА и Демократско движење, достави интерпелација за работата на јавниот обвинител Љубомир Јовески.
Денеска информираа дека „иако Љубомир Јовески заслужува повеќе интерпелации и отповикување на одговорност, бидејќи не е никаква вест да се каже дека Јавното обвинителство стана едно од министерствата на оваа влада, сепак основната причина за оваа интерпелација е кулминацијата на неговата неконзистентна, нетранспарентна, контроверзна работа и губењето на јавната доверба кон институцијата Јавно обвинителство што се случи со судскиот предмет за пожарот на модуларната болница во Тетово, каде трагично загинаа 14 лица. Ние сметаме дека улогата на јавниот обвинител, Љубомир Јовески, во овој случај стана предмет на сомнеж и за тоа е потребна одговорност и јавно објаснување“.
Оттаму порачуваат дека „оваа интерпелација има за цел во јавна собраниска расправа да ги покрене сериозните сомнежи дека Јавното обвинителство криел факти и информации во текот на целата постапка за да заштити на тој начин некои политичари и членови на бизнис елитите, кои биле вклучени во изградбата на модуларните болници кои беа предмет на оваа трагедија“.
„Нашето барање е јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, да се појави во Собрание и пред народот и да ја објасни својата улога во овој случај, имајќи ги предвид сите обвинувања наведени во врска со неговата работа. Нам ни преостанува да очекуваме претседателот на Собранието, Талат Џафери, да биде сега на чело на својата должност и во интерес на граѓаните!“ рекоа опозициските пратеници.