Интерпелациите за членови на Судскиот совет на собраниска седница во март

by Фокус

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, очекува во првата половина од март да се одржи седницата на која пратениците ќе се расправаат и ќе одлучуваат за интерпелациите на петтемина членови на Судскиот совет, избрани од Собранието.

Гаши ова го кажа на прес-конференцијата по денешниот брифинг со новинарите, посочувајќи дека веќе ги добиле одговорите од сите членови на Судскиот совет за кои владејачкото мнозинство покрена постапка за интерпелација.

- Advertisements -

-Можам да ве известам дека според роковите предвидени во Деловникот, интерпелациите беа препратени до членовите на Судскиот совет. Исто така во рамки на роковите, како Собрание ги добивме одговорите од сите пет члена.

Ние тие одговори деновиве ќе ги доставиме до сите пратеници и се надевам дека во текот на месец март, се надевам во текот на првата и втората недела ќе имаме свикување нова седница на која ќе се разгледаат интерпелациите – изјави тој.

Интерпелациите на петтемина членови на Судскиот совет на 7 февруари ги поднесоа пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, откако претходно кон крајот на минатата година Собранието не го усвои извештајот за работата на Советот за 2023 година.

Членовите на Судскиот совет за кои се бара интерпелација се Весна Дамева, Тања Чачарова-Илиевска, Муљазим Мустава, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.

Поврзани новости