Интернет измамите кои во последниот период станаа почест начин за да се дојде до лесна заработувачка не престануваат. Се злоупотребуваат имиња на познати лекари, модели, музичари, се со цел да се продадат производи за слабеење или убавина, со сомнително потекло. Уште една јавна личност која се најде на мета на дрските измамници деновиве е инфлуенсерката Миа Костова, со која е објавено подолго интервју на веб страницата zaninferro.it, со бомабастичен наслов „Тој се издува пред моите очи! Миа Костова раскажа како ослабела 18 килограми за само два месеци и го покажа рамниот стомак“.
Но, ниту некој се издувал, ниту страницата на која е објавено интервјуто е електронски медиум, ниту пак интервјуто со Костова некогаш било направено.
Освен наводното интервју, на истата страница нема никакви други податоци, импресум, рубрики или пак други објавени текстови. А интервјуто, во кое дури се спомнува и нутриционистката Цвета Динева, со нејзини наводни изјави, е само обид да се продаде чај за слабеење по цена од 2.400 денари – Easyslim. Ниту се знае кој го произведува, ниту пак дали е безбеден за конзумирање.
-Ова е крајно безобразно, и секако е кривично дело, вели Костова за ,,Фокус” по повод измисленото интервју, со кое се злоупотребува нејзиниот лик за да се дојде до лесна заработка од продажбата на чајот.
-Пријавив во Агенција за заштита на лични податоци, освен што целото интревју е измислено, превземени се мои фотографии, дури и некој одговара на прашања во мое име под „интервјуто“.
Се она кое е објавено е се што не сум јас! Напротив, силно сум против било какви производи за слабеење и тоа константно го потенцирам, вели Миа и додава дека размислува да покрене тужба против сторителот.
-Размислувам да покренам тужба, доколку имам нерви, а мислам дека истото ќе го направи и нутриционистката Цвета Динева, која исто така е вметната во интервјуто, истакна Костова.
Изминатиот период, во неколку наврати и доктор Никола Пановски беше мета на лажни реклами во кои неговото име и слика беа користени за продажба на разни лекови и чаеви.
Минатиот месец тој откри дека оние кои ширеле лажни вести и го злоупотребиле неговото име биле осудени со правосилна пресуда, и тоа одговорното лице со 2.100 евра казна, додека пак фирмата увозник со 5.000 евра. Тој додаде дека во граѓанска постапка ќе бара оштета од 1.500 евра, за злоупотребата и за душевната болка која му ја сториле.
Вики Клинчарова