Познатиот поп пејач Ѓоко Ѓорчев изминатиот период е константно ангажиран во локали низ целата земја, и настапува заедно со Кате Танева и Сашо Ѓоргиев, а на настапите не недостасуваат интересни случки. Една од оние случки, која ја доживеал вчера на настап во ресторанот ,,Гарден” во Охрид, вели дека длабоко го трогнала и уште еднаш му покажала дека музиката е неговиот вистински избор во животот. Како што раскажува за ,,Фокус”, пред да започне настапот, со него разговарал сопственикот на локалот, Наум, и му кажал дека вечерта ќе му дојде специјална гостинка.
-Ми кажува Наум дека на настапот ќе дојде една посебна гостинка, но не сакаше да открие повеќе детали, остави работата да биде изненадување. Пред да започнам со пеење, кога дојдоа гостите, ми пријде една госпоѓа, се претстави дека се вика Виолета, таа е познат интервентен кардиолог. Ми кажа дека со неа е нејзината баба, која исто така се вика Виолета, и која отсекогаш била мој најголем обожавател.
Никогаш немала можност да ме слушне во живо, а штом дознала дека ќе настапувам во Охрид, и покрај тоа што има 89 години, без двоумење побарала да ја донесат на мојот настап. Омилена песна и била ,,За еден ден молам”, еден од моите авторски евергрини, и додека внуката Виолета ми раскажуваше, ме обзеде едно топло чувство, без пресреќен што имам луѓе на таа возраст кои ме почитуваат, кои дошле да ме слушаат – раскажува Ѓорчев.
Вели дека кога започнал со настапот, и се приближил на Виолета и започнал да ја пее нејзината омилена песна. Таа била трогната од вниманието, па дури го фатила и бакнала за рака од благодарност. Му кажала дека конечно и се исполнила желбата, да го слуша во живо.
-Вечер полна со емоции, така би го опишал целиот настан. На микрофон и кажав на госпоѓата Виолета дека целата вечер и ја посветувам нејзе. Преубаво е кога еден музичар ќе слушне дека некому му го разубавил животот со своите песни, дека имам слушатели и почитувачи од сите генерации.
А со внуката на госпоѓата Виолета, која е интервентен кардиолог, се најдовме на темата околу мојот инфаркт кој го преживеав неодамна. Таа безрезервно се стави на располагање за секое прашање кое ме мачи околу оваа тема и многу сум благодарен.
Знам да кажам дека кога ми се случи инфарктот, ме спаси доктор Оливер Калпак и Господ. И самиот доктор тогаш ми рече дека Господ сакал уште да останам на овој свет и да пеам, затоа што имам уште многу недопеани песни. Имам уште многу да и дадам на публиката, сакам да им ги разубавувам животите на луѓето со песна, тоа е мојата мисија, вели музичарот.
Додава дека изминатиот период се почесто добивал понуди да пее на свадби заедно со Кате и Сашо. Вели дека за него тоа е најголема чест, некој да реши токму тој да му биде музички гостин на еден така важен животен настан, па со задоволство ги прифаќал понудите.
Вики Клинчарова