Откако вчера Бугарија ја објави едностраната декларација за македонскиот јазик, тоа денеска го стори и Министерството за ндворешни работи на Република Македонија. Текстот на македонската еднострана изјава за македонскиот јазик го пренесуваме интегрално:
Политички состанок на Меѓувладината конференција за пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија Брисел, 19 јули 2022 година
ЕДНОСТРАНА ИЗЈАВА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
(да се приложи кон записникот на првата политичка МВК)
Како што е прoпишано во Уставот на Република Северна Македонија, македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи.
Литературниот македонски јазик е кодифициран во 1945 година. Согласно сознанијата утврдени со акти, широко прифатените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика и лингвистичката наука, македонскиот јазик има свој јазичен, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија. Македонскиот јазик се определува како словенски јазик, кој се наоѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на Македонскиот народ.
Македонскиот јазик беше признат на Третата Конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година.
Македонскиот јазик се изучува на многу катедри за славистика и лекторати на факултети и универзитети низ Европа и светот. Неговата долга говорна и писмена традиција е неоспорен факт во лингвистичката наука. Литературата напишана на македонски јазик е добитник на меѓународни награди и признанија.
При склучувањето на било какви договори, спогодби и документи на Република Северна Македонија со Европската унија кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на ЕУ, како што е договорот за соработка со Фронтекс, Северна Македонија очекува истите да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик без било какви објаснувања, додавки или фусноти.
Во текот на преговорите за пристапување се до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот во полноправно членство во ЕУ, Северна Македонија нема да прифати да разговара за поинакво решение за Македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, Македонскиот јазик треба да стане еден од службените јазици на ЕУ.