Професорката и пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, на денешната трибина на партијата насловена „Нов договор – заеднички патриотизам“, изјави дека ни е потребно „враќање на европските темели каде се цени индивидуата“, дека „партизацијата на институциите и бркање на способните и стручните млади е реалност“, како и дека е „скршен костурот на државата, но тоа мора да се промени со новиот општествен договор за да не се распадне општеството“.
-Демократскиот политички лепак е граѓанството, затоа треба да се зборува за неговото височество граѓанинот и индивидуата како извор на суверенитетот, тој конститутивен елемент обединува, ние можеме да се натпреваруваме и да бидеме рамноправни пред Уставот и законите како индивидуи, а кај нас за жал дури и она начело кое можеше да биде многу важно правична и соодветна застапеност не функционира, посочи Силјановска Давкова.
Таа вели дека начелото за правична и соодветна застапеност не значи дека лидерите на сегментите треба кого сакаат да вработуваат и кого сакаат да поставуваат на функции, туку истото значи дека треба да се почитува процентот на застапеноста во општеството, но никогаш без правичното, односно стручноста и компетентноста.
„Сѐ што персонифицираше знаење и компетитивност и стручност го избркаа намерно и сеуште ги гонат моите најдобри студенти, Албанци, Турци, Роми, Власи, Македонци, а останаа оние кои немаат избор, и оние кои единствено занимање им е да одлучуваат за другите, ете тоа мораме да го смениме, како, со еден нов општествен договор“, рече Силјановска Давкова на денешната трибина.