Премиерот Димитар Ковачевски вели дека таму каде што има плати далеку над просекот треба да се намалат, како еден од начините за намалување на трошоците, согласно со Планот за фискална одржливост што го усвои вчера Владата за буџетските корисници.
Одговарајќи на новинарски прашања Ковачевски денеска рече дека целта на фискалниот сет мерки е преку намалување на расходите и зголемување на приходите да се ослободат финансиски средства за подобро справување со енергетската криза.
Со вчера усвоените мерки за ублажување на енергетската крзиа и ценовните притисоци од 350 милиони евра, вкупно пакетот антикризни мерки изнесува 750 милиони евра, што, потенцирапе Ковачевски, е директна финансиска помош за најранливите категории граѓани, за ликвидноста на малите и средните претпријатија и даночни олеснувања кои значат помали даночни приходи за државата.
-Од друга страна, постојат претпријатија и институции во коишто се креираат загуби, а треба да се покријат од Буџетот и затоа сметаме дека менаџмент тимовите на тие претпријатија и треба да бидат на виоско одговорно ниво и да ги намалат расходите и да ги зголемат приходите. Еден од начините за намалување на трошоците, таму каде што има плати што се далеку над просекот сметам дека во услови на ваква криза треба да се намалат, а додека таму каде што приходите не соодветствуваат на она што би требало да биде, исто така да направат напори да ги зголемат приходите, изјави Ковачевски, по пуштањето во употреба на соларната електрана на ГЕНИ.
Со Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, се задолжуваат сите буџетски корисници, а им се препорачува на единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост, во рок од две недели, да достават пополнет акциски план за консолидација на расходите.
Политиката за намалување на расходите, опфаќа Консолидација на расходите за плати и надоместоци, преку намалување за 10 проценти во однос на планираните средства за 2023-та година.
Очекуван е фискален ефект, односно заштеда од околу три милијарди денари, во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи; Исто така, консолидација на расходите за стоки и услуги и нивно намалување за 20 проценти во однос на фискалната рамка за 2023 година, со фискален ефект исто така од околу три милијарди денари во однос на фискалните проекции во среднорочната рамка на расходи. Се предвидува и консолидација на расходите за субвенции, трансфери, дотации и социјални надоместоци и нивно намалување за 20 проценти во однос на фискалната рамка за 2023 година. И по тој основ очекуваниот фискален ефект е околу три милијарди денари.