Институтот за трансфузиона медицина со реновирани простории и нови возила

by Fokus

Институтот за трансфузиона медицина доби реновирани простории, а инсталирана е и современа апаратура. Реновиран е одделот за продукција, просториите за процесирање на дарувана крв, чување на свежо смрзната плазма, интермедиерниот простор, како и една просторија која била неупотребена, а сега е пренаменета во просторија за брзо смрзнување плазма.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска заедно со вицепремиерот Бујар Османи и заменик-министер за здравство Асим Муса, беше во посета на Институтот, најави дека и во следниот период продолжува подобрувањето на условите во здравствените установи.

– Институтот за трансфузиона медицина е позитивен пример за работа на јавна здравствена установа. Реновирани се просториите, обезбедени се нови комбиња, фрижидери и апарат за харвестрација на матични клетки, изјави Филипче.

Реновирањето и адапатацијата се извршени во периодот од јули 2018 до април 2019 година. Воведени се стандарди за квалитет, а условите за работа се соодветни на ЕУ стандардите и препораките.

– Во наредниот период следува реновирање и адаптирање на посторните услови во Битола. Грижата за здравјето и удобноста на пациентите е примарна одговорност во областа на медицината и со сите расположливи средства и капацитети кон тоа се стремиме, изјави директорот на Институтот за трансфузиона медицина Седула Усеини.

Во февруари годинава биле обезбедени фрижидери за чување на крвни продукти и тоа 12 фрижидери на +4 степени целзиусови за чување на еритроцитен концентрат, 10 фрижидери на -30 степени целзиусови за чување на плазма и три фрижидери на -80 степени целзиусови за брзо смрзнување на плазма.

Институтот за трансфузиона медицина во Скопје е најголема трансфузиолошка единица во установата и располага со најголеми резерви на крвни компоненти кои бараат соодветни услови за чување обезбедени преку апарати приклучени на електрична енергија.

Поврзани новости