Владата не вечерашната седница ја измени Националната годишна програма за јавно здравје за 2020 година, со што се определуваат повисоки финансиски средства во делот за вонредни и кризни состојби во висина од 22 милиони денари за исплата на спроведени активности од страна на 10-те центри за јавно здравје и Институтот за јавно здравје во период од почетокот на кризната состојба до 20 мај 2020 година.
„Програма за изменување и дополнување на Националната годишна програма за јавно здравје во Република Северна Македонија за 2020 година, ќе се реализира согласно одобрените средства со ребалансот на Буџетот за оваа година, во висина од 65.000.000 денари од кои 55.000.000 денари се од Основниот буџет и 10.000.000 денари се од сопствени средства на Министерството за здравство“, соопштија од владината прес-служба.
На предлог на Министерството за финансии, Владата денеска ја усвои и Програмата за изменување на програмата за лекување на ретки болести, која оваа година ќе се финансира согласно одобрените средства со ребалансот на Буџетот во висина од 522.000.000 денари. На оваа седница е усвоена и Програмата за изменување на програмата за организирање и унапредување на крводарителството, која оваа година е финансира со зголемени финансиски средства 15.000.000 денари.