Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги испратило сите свои инспекциски служби да спроведат проверка на работењето на концесионерот што стопанисува со рибниот фонд на Охридското Езеро.
Рибарите од Радожда обвинија дека концесионерот работи незаконски со потконцесионер во струшкиот дел од езерото на потегот од Подмоље до кампот „Треска“, со кого преговараат и договараат услови за риболов. Тие јавно изјавија дека се ангажирани без договори, како и оти воопшто не се водело евиденција за уловената риба. И во минатото беше посочувано дека на хартија се запишува одредена количина, наспроти реално изловената риба со тежина и по неколку пати поголема од декларираната.
Неодамна Охридското Езеро доби нов концесионер што наредните шест години треба да стопанисува со рибниот фонд. Фирмата „Летница Белвица“ од Струга го доби езерото на користење со изменета риболовна основа. Измените се однесуваат во делот на утврдување на периодот на мрест, времето во кое е дозволен риболовот, намалени се количините на дозволен улов на охридска белвица и детално се уредени специфичните локации на мрест на рибите, особено за Охридската пастрмка, белвицата и крапот.
Она што навистина е проблем е отсуството вистинска физичка заштита на рибниот фонд во езерото. Во Охрид и Струга јавна тајна е дека се врши неконтролиран излов на риба од езерото, и тоа не само преку злоупотреби од концесионерите, туку и од поединци и организирани групи кои вршат незаконски риболов пред очите на инспекторите, концесионерот, полицијата.
Ресорниот министер Трајан Димковски рече дека откако ги слушнал забелешките на рибарите, но и во медиумите објавените индиции за неправилности во работењето на концесионерот, минатата седмица ги испратил на терен сите три инспекторати – Државниот инспекторат за змјоделство, Пазарниот инспекторат и Трудовиот инспекторат.
– Направен е увид и она што ќе го добијам во извештаите ќе биде јавно објавено. Да не прејудицирам, но доколку има прекршувања единствен начин за уредување на прашањето ќе биде раскинување на договорите за концесија, рече министерот Трајан Димковски.
Што се однесува за соработката со албанската страна, Димовски додаде дека на средбата со неговиот албански колега разговарал околу грижата за рибата во Охридското Езеро.
– Треба заеднички да настапуваме, групите треба да работат, се надевам дека во блиска иднина ќе најдиме решение оттаму што тоа е голем проблем, рече Димковски. МИА