Утре во Скопје, со почеток од 14 часот пред Собранието, по трет пат на мирен протест ќе излезе мајката на исчезнатото момче Пино, Маја Трпковска. Покрај неа ќе биде и таткото на Арбен, Бекир Аслан, кој трага по својот син повеќе од еден месец.
Маја вели дека веќе три месеци живее во агонија, откако нејзиниот 26-годишен син излегол од дома со автомобилот и му се изгуби секаква трага. Таа веќе во два наврати излезе на протест и бараше одговори од надлежните околу тоа како и според кои стандарди и правила се водат истрагите за исчезнатите лица од земјава, бидејќи, очигледно нема успех и десетици граѓани со години наназад не се пронајдени.
Нивните роднини живеат во неизвесност, не знаат дали најблиските им се живи или мртви, а како повеќе одминува времето, така и се намалува надежта дека ќе бидат пронајдени.
-Инспекторот кој работеше на случајот со моето дете замина во пензија, тоа е најновото нешто. Назначен е нов, кој се уште нема разговарано со мене. Вчера го барав, рече дека ќе ми се јави, но уште не ме побарал. Минат деновите, поминаа три месеци… Во ова време – невреме за мене и моето семејство, благодарна сум им на хуманите и сочувствителни луѓе кои ми ја даваат поддршката. Запознав многу луѓе кои ги допре мојата мајчинска болка, добивам пораки со поддршка, тоа ми дава сила и знам дека не сум сама. Но, најважното, каде е моето дете, уште останува нерешено. Барам одговори, барам сериозен пристап од институциите, времето одминува – ни изјави Трпковска, додавајќи дека многу и значи тоа што и таткото на исчезнатиот Арбен ќе присуствува на протестот.
Вики Клинчарова