Отворено писмо од инспекторот Ѓорѓи Илиевски до премиерот Зоран Заев и до „вториот премиер“ Али Ахмети.
Писмото ви го пренесуваме во целост.
Верувам дека лично сте запознаени, господине премиер Зоран Заев (бев примен од вашиот шеф на кабинет каде што е предадена целокупната документација и за тоа сум благодарен), а вториот „премиер“ Али Ахмети сигурно го запознале неговите блиски советници или е запознат од неговиот внук д-р Бујар Амети, доцент на Правниот факултет при Универзитетот во Тетово, или преку пишаните и електронски медиуми и портали за скандалот, за унапредувања во наставно-научни звања на високи јавни владини функционери чии работни места им биле во мирување додека извршувале јавни, односно државни функции, како што се актуелниот министер за образование и наука м-р Арбер Адеми од асистент во наставно-научно звање доцент, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу од доцент во вонреден професор и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, унапреден од асистент во доцент и вонреден професор.
Почитувани премиери, ваквото скандалозно унапредување во наставно-научно звања во вонреден професор и оној на министерот за образование и наука во доцент, за нив не бил скандал и не чувствуваат одговорност. Во правни држави веднаш им се бара да сносат одговорност и да поднесат неотповикливи оставки од своите функции и да извршат повраток на парични средства, пари кои се на студентите. Тие вината ја префрлаат на Универзитетот, зошто распишал конкурси ?! Каде е моралната одговорност, каква порака му испорачуваат на ова наше општество. Вака во Европа…?!
На моите констатации и утврдени незаконитости, од само за нив познати причини, се оградија директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спироски (кој како што говорел „зад мене стојат Оливер Спасовски и министерот Арбен Адеми“) и раководителот на секторот, Африм Саљиу („адвокат“ на напред наведените) – дека констатациите биле „мој личен став“.
Вака констатираната состојба на овие инспектори и директорот Томе Спироски е елементарно непознавање на законитоста. Затоа, господа премиери, на ден 27.06.2019 година извршив контролен инспекциски надзор и констатирав дека не се испочитувани моите решенија и го задолжив Универзитетот во Тетово (очекувам господин Али Ахмети, како лидер, да застанете на страната на законитоста) да расправаат органите на Универзитетот и да им се одземат незаконски добиените унапредувања во наставно-научни звања доцент и вонреден професор на овие јавни функционери.
Со ова сакам да ве запознаам дека мора да се почитува законот еднакво за сите, без разлика дали се функционери или не.
Затоа премиере Заев и господин Ахмети, треба да има проветрување во Државниот просветен инспекторат, без разлика дали е од македонската позиција или од албанската позиција на власт. Законот треба да важи за сите еднакво и да се почитува. Повторувам, во практика не се применува.
Сѐ во интерес на мојата држава што побрзо да се интегрира во европското семејство.
Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор