Инспекторите се во сите поголеми маркети, вели Мицкоски по вчерашниот бојкот

by Фокус

На терен се сите институции буквално во сите поголеми маркети, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали пазарните инспектори се излезени на терен поради високите цени на производите.

-Да, излегоа на терен сите институции. Повеќе информации би имал од понеделник, но можам да кажам дека се наоѓаме буквално во сите поголеми супермаркети и се прави детална анализа. Повеќе информации ќе можам да споделам со јавноста од понеделник. Но, можам да кажам дека делот од она што бевме загрижени, односно нашите стравувања стануваат вистина и реалност, така што делуваме и ќе продолжиме да делуваме – рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека Владата се обидува да направи баланс меѓу стандардот на граѓаните и пазарната економија.

-Како Влада имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните, но истовремено, нормално, да не ја нарушиме пазарната економија, пазарните правила итн. Мислам дека во овие моменти треба сите заедно да работиме за да излеземе како победници од целата оваа ситуација и мислам дека ќе излеземе како победници – рече тој.

Оваа изјава на Мицкоски доаѓа ден по организираниот бојкот на големите маркети предизвикан од поплаките на граѓаните дека цените, дури и на основните прехранбени производи, секојневно стануваат сѐ повисоки.

Поврзани новости