Инспекциските служби добиваат нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на Ковид протоколите, објави вицепремиерот за борба со корупцијата, Љупчо Николовски откако на денешната владина седница биле усвоени предлог измените на Законот за заштита на население од заразни болести.
Законските измени се однесуваат на Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот испекторат за транспорт и за другите инспекторати на централно и локално ниво.
Според измените, доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на лице место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста во траење до 30 дена на правните субјекти.
Истовремено, со новите законски измени ќе се зголемат паричните казни за прекршителите на здравствените протколи. Висината на казните ќе биде во зависност од големината на фирмите.
-Заштита на здравјето на граѓаните и наш врвен приоритет. Нулта толеренација за прекршителите на здравствените Ковид протоколи!, напиша Николовски.
Инспекторите изминатиот период бараа зголемување на нивните овластувања откако во време на пандемија имаше журки по кафулиња и ресторани, без почитување на протколите, а тие немаа надлежност да ги затворат на лице место.