Државниот инспекторат за локална самоуправа донесе одлука да ги запре решенијата за организирање локални референдуми во општините за мигрантите на денот на локалните избори, 15 октомври, и да поведе постапка пред Уставниот суд за утврдување на законитоста.
Државниот инспектор за локална самоуправа Рахим Муслиу истакна дека досега решение е донесено за 12 општини кои доставиле до Инспекторатот.
– На 20 септември Инспекторатот изврши вонреден инспекциски надзор во општините Кочани и Штип, а на 21 септември во Гевгелија, Кавадарци, Неготино и Велес. Уште шест општини донеле одлука за референдум на локално ниво и го известиле Инспекторатот за објавување. Тоа се Битола, Прилеп, Радовиш, Аеродром, Гази Баба и Охрид, а се очекува вакви известувања да достават и општините Карпош и Ѓорче Петров, рече Муслиу.
Според него, одлуката ќе биде објавена во Службен весник, а во наредните три дена и на веб страницата на Министерството за локална самоуправа.