Инспекторатот го казни кочански Пејпер Мил за загадувањето со 20.000 евра

by Фокус

Државниот инспекторат за животна средина денеска соопшти дека, во рамки на интензивното работење на спречување на загадувањето од Пејпер Мил – Кочани, фирмата е казнета со 20.000 евра, бидејќи промените што ги правел инвеститорот не дале резултати.

„Од првиот вонреден надзор над инсталацијата на 4 ноември 2020 година, направени се две мерења (на 13.11.2020 и 02.12.2020) и два пати е констатирано надминување на дозволените вредности. Промените во процесот и опремата што во меѓувреме ги правеше инвеститорот, не дадоа резултат. Предложена е казна од 20.000 евра, со Решение е наредено да се врши редовно мерење на емисиите, а Пејпер Мил се обврза да инвестира во вреќаст филтер поради повеќекратно намалување на емисиите“, соопштија денеска од Државниот инспекторат за животна средина.

Пред два дена, во Кочани се одржаа протести на кои локалните жители побараа решавање на проблемот со загадувањето од фабриката или во спротиво да се блокира нејзината работа.

Поврзани новости