Собраниската Законодавно правната комисија денес треба да го разгледа Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, откако на осми јуни тој доби поддршка од матичната Комисија за култура.
Предлагач на законот е Министерството за култура, а целта е подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба во јавната и во службената комуникација, почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во таа насока.
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на седницата на Комисијата за култура го образложи Предлог-законот, напоменувајќи дека со новиот закон ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.
„Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање текстови што се објавуваат, како општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа, службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката“, рече Костадиновска Стојчевска
Со Предлог-законот ќе се даде правна основа за донесување национална стратегија за македонскиот јазик.
Како и досега – и со овој закон проверката на потребното стручно знаење за лекторирање ќе се врши преку полагање испит за добивање лекторска лиценца.
За вршење инспекциски надзор над примената на законот се предлага основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, рече министерката.
Членовите на оваа собраниска комисија треба да дискутираат и за Барањето за давање на автентично толкување на член повеќе членови од законот поднесено од градоначалникот на Општина Битола.