Инспектор ме испрати во станот на таткото на Вања да проверам дали девојчето е сокриено во плакар, сведочи Трајковски

by fokus

Сведокот Гоце Трајковски на денешното рочиште за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, истакна дека полициски инспектор му рекол да оди во станот на таткото на Вања, Александар, и да снима и да провери дали Вања е сокриена во плакар или во тоалет.

– Се согласив, ама и се јавив на сестра му на Александар и и кажав што побарале од мене. Таа ми рече оди слободно, ама не и беше јасно зошто ме праќаат кога полицијата веќе два пати била во станот, рече Трајковски.

Тој рече дека не бил натеран од инспекторот, туку било побарано од него, со изговор да помогне на истрагата.

Тој додаде и дека полициски инспектори го прашале дали и Александар чувал куче, раса, која ја имал и Палчо. Тој одговорил дека не верува да чува толку големо куче во стан, коментирајќи дека му било чудно прашањето.

Трајковски рече и дека добил барање од инспекторите да го слика таткото на Вања, Александар, да гледа како се однесува.

-Им пратив една снимка, како спие на столица. Им реков дека халуцинира, дека не е спиен 3-4 дена и дека не знае каде е, рече Трајковски, кој допални дека на инспекторите им рекол дека тој смета дека Александар не е вмешан, дека него не го интересираат пари, а и дека ако му требаат има станови и ќе ги продаде.

Тој претходно откри како заедно со Александар Ѓорчевски прибирале снимки и како направил поврзаност на двете возила, односно на ,,цитроенот” со кој била грабната Вања и ,,реното кангу”, кое според обвинителството го возел Љупчо Палевски Палчо.

Валентина Вурмо

Поврзани новости