Инспектор купил деловен простор на „Гранит“ во Делчево за драстично пониска цена од општинската проценка и од пазарната вредност!

АД „Гранит“ му продал деловен простор во Делчево на полициски инспектор, кој за 723 квадратни метри платил 43.500 евра. Но, како што пишува неделникот „Фокус“, кога купувачот требало да плати данок на промет на недвижности, општината го проценила овој имот на 156.000 евра, што е 3 и пол пати повеќе отколку договорената купопродажна цена. Пазарната вредност на овој имот, пак, е уште поголема.

by Фокус

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во текот на изминатата година, „Фокус“ објави серијал текстови во чии рамки беа презентирани податоци за начинот на кој градежниот гигант АД „Гранит“ го доби и изврши првиот милионски договор за изградба на автопатска делница кон Блаце и потоа доби втор вреден тендер за комплетирање на оваа 2 километарска траса, непосредно пред да го продаде хотелот на Попова Шапка за 55 илјади евра на фирма-загубар со еден вработен.

(АРХИВА) Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?

Освен тоа што изнесовме наводи од обемна документација за овие тендерски постапки, ставени во корелација со симптоматична купопродажба на недвижен имот на атрактивна локација за непазарна цена, во време кога се најавува модернизација на просторот од странски инвеститор, пишувавме за уште една спорна продажба на хотелот на „Гранит“ во Дојран.

(АРХИВА) „Гранит“ го продал хотелот на Шапка на фирма за осветлување, па добил нов милионски тендер за автопатот кон Блаце!

Имено, сознанијата до кои дојдовме покажаа дека „Гранит“ склучил договор за продажба на овој хотел за 150.000 евра со охридска транспортна фирма, со што била извршена и промена на инвеститор во одобрението за градење. Меѓутоа, реагирало Државното правобранителство, бидејќи одобрението издадено пред цели 4 децении предвидувало објектот одамна да биде дограден. Моментално, за овој случај тече судска постапка.

(АРХИВА) Спорна продажба за 150.000 евра на хотелот на „Гранит“ во Дојран што чека да биде дограден цели 4 децении!

Во меѓувреме, ги проверувавме дојавите дека некогашниот гигант во државна сопственост, кој беше приватизиран по распадот на Југославија, го оттуѓува некогашниот општествен имот и на други места во државата. Притоа, особено внимание ни привлече продажбата на деловен простор во Делчево, бидејќи тој завршил во рацете на полициски инспектор, кој го купил за неколкукратно пониска цена од општинската проценка и од пазарната вредност.

Како што пишува најновиот број на неделникот „Фокус“, станува збор за деловен простор во некогашната управна зграда на „Гранит“ во Делчево, што градежниот гигант го продал во 2016 година. Според документацијата што ја обезбедивме, имотот го купил полициски инспектор за драстично пониска цена во споредба со проценката што ја направила општината. Згора на тоа, пазарната цена на недвижниот имот е повисока дури и општинската проценка.

Поточно, „Гранит“, претставуван од генералниот директор Зоран Милковски, на 25.02.2016 година склучил договор со Дарко Стоименовски за купопродажба на деловен простор од 723 квадратни метри за сума од 43.500 евра со вклучен ДДВ, што му доаѓа по 60 евра за квадрат. Договорот со кој располагаме е солемизиран на 01.03.2016 година. Тој се однесува на деловен простор каде што денес има дваесетина канцеларии, во кои се сместени нотари, извршители, проценители…

Податоците што ги обезбедивме покажуваат дека купувачот Стоименовски, кој работи како инспектор во полициската станица во Делчево, платил данок на промет на недвижности во износ од 384.157 денари или 6.246 евра. Ако се има предвид дека овој данок, според одлука на Советот на Општина Делчево, изнесува 4 отсто, тогаш произлегува дека општината, т.е. проценители вработени во локалната самоуправа, го процениле имотот на 156.000 евра. Значи, дека еден квадрат бил проценет на 215 евра.

 

Иако тоа е 3 и пол пати повеќе отколку договорената купопродажна цена, сепак, прашање е дали и тоа е реална цена, бидејќи пазарната вредност на деловниот простор во Делчево се движи околу 1.000 евра по квадрат. Доколку ја земеме оваа сума предвид, тогаш произлегува дека 723 квадрати по 1.000 евра се 723.000 евра, па при евентуална таква проценка, данокот на промет би бил 28.920 евра или 1.778.50 денари, што е за 4 и пол пати повеќе од износот на пресметаниот и исплатениот данок.

Зошто „Гранит“ за 43.500 евра продал имот, кој од страна на општината бил проценет неколкукратно повеќе, а уште повеќе вреди на пазарот? Едноставно, при повисока продажба, повеќе би профитирала компанијата-продавач, односно сите нејзини акционери (од најголем до најмал), додека при повисока проценка, повеќе би профитирала и општината или нејзините граѓани. Затоа, се обративме и до „Гранит“ и до Стоименовски, но не добивме одговори.

Моментално, според Централниот депозитар на хартии од вредност, најголеми акционери во „Гранит“, со сопственост врз над 9 проценти од акциите, се споменатиот Зоран Милковски и Ивана Милковска-Симева, син и ќерка на Страшо Милковски, долгогодишен директор на „Гранит“, кој денес е претседател на Управниот одбор. Сите тројца го зголемиле акционерскиот капитал во текот на оваа година, кога друштвото, всушност, доби крупни државно спонзорирани зделки. Паралелно со тоа, се ослободува во недвижен имот, во спорни постапки.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости