Предлогот за оддржување на референдум околу изградба на депонија во Неготино е уреден, па сега иницијаторите ќе започнат постапка за собирање на 3.200 потписи. Претседателот на општинскиот совет Диме Витанов испратил известување до овластениот предлагач Сашко Тодоров за покренување на граѓанска ницијатива за распишување референдум на локално ниво.
-Согласно важечките законски прописи, предлогот го разгледав и во законски определениот рок го известив овластениот предлагач дека предлогот е уреден. Сакам да ја искористам можноста да споделам со јавноста дека како претседател на Советот на општина Неготино, како личност и како претставник на политичката партија СДСМ, ги почитувам и поддржувам сите облици на демократско изјаснување на граѓаните на нашата општина – рече Витанов.
По најавата дека близу Неготино се планира изградба на депонија за инертен индустриски неопасен отпад, реагираа жителите на Неготино, кои стравуваат за здравјето и околината. Во таа насока, биолошкиот инженер Тодоров, кој воедно е претседател на Здружението на граѓани „Ековита”, покрена иницијатива за референдум по ова прашање.