„Дојде време, дојде час“ се вели во химната на ВМРО-ДПМНЕ, а сега е вистинскиот час, Христијан Мицкоски да ја ослободи партијата, да престане да шири раздор и да си замине, бараат од Иницијативниот одбор во оваа партија откако вчера во Собранието беше изгласана доверба на владата на Зоран Заев.
Од одборот, кој закажа и вонреден конгрес за 28 март, го обвинуваат Мицкоски дека лажел оти има обезбедено парламентарно мнозинство и свесно ширел еуфорија, но вчера, како што велат, членовите на ВМРО-ДПМНЕ добиле „ладен туш“.
-Вчера секој искрен и чесен член на ВМРО-ДПМНЕ очекуваше триумф. Му веруваше на сè уште актуелниот претседател Мицкоски и очекуваше новото парламентарно мнозинство, кое тој велеше дека го има, да му изгласа недоверба на Зоран Заев. Наместо прослава. Партиските членови добија ладен туш. СДСМ покажа дека нивното мнозинство е непроменето, а во политичките кулоари кружат информации дека власта обезбедила и дополнителна поддршка од пратеници од опозицијата кои не гласале, бидејќи немало потреба. Партијата вчера беше посрамена. Нема член на ВМРО-ДПМНЕ кој не се почувствува излажан, изманипулиран, потценет, велат од Иницијативниот одбор.
Тие бараат тој да си замине пред да добие уште еден изборен пораз и да предизвика дополнителна штета на ВМРО-ДПМНЕ.
По вчерашното изгласување доверба на владата, пак, Мицкоски ги повтори тврдењата дека таа ќе падне и најави дека повторно ќе биде покренато гласање. Тој оцени дека тоа што Заев барал да се гласа за доверба, со што се исклучи можноста за дебата во парламентот, не покажал сила туку слабост.