Во период кога погледите се свртени кон иднината на објектите од проектот Скопје 2014, процесите и начинот на урбанистичко планирање што доведоа до еден ваков катастрофален проект се олицетворуваат и во начинот со кој раководството на Општина Центар продолжува да планира и гради во градски четврти низ општината, соопштија од граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“.
Од оваа саморорганизираната група на граѓани најавуваат дека ќе поведат судска постапка против Општината и Жерновски, бидејќи, според нив, изминативе години, со нетранспаретни одлуки, спротивни на граѓанскиот и општ интерес, непречено усвојуваат неиздржани нацрти за ДУП-ови, издаваат одлуки за градба во отсуство на солидна планска програма и ажурирани податоци од терен, ги инструментализираат иницијативите на жителите и ги игнорираат аргументираните и експертски забелешки.
Од „Во одбрана на Дебар Маало“ сметаат дека особено алармантна е одлуката на Општина Центар и градоначалникот Жерновски, во време кога градот се соочува со еколошка катастрофа и нарушено здравје на граѓаните, да се гради нова сала на спортскиот клуб Работнички во Градскиот Парк, кој е заедничко добро на сите граѓани. Во однос на овој проект, од таму ги посочуваат следните проблеми и дилеми:
-Парцелата во сопственост на БАУЕР БГ (фирма која ги доби тендерите за голем дел од објектите СК 2014) беше предвидена за катна гаража од 29 квадратни метри.
-Проширена е локацијата за градба на салата. Не е јасно кои парцели ќе бидат вклучени во новиот објект и дали ова ќе се случува на сметка на постоечко јавно зеленило.
-Не е познато дали со закон предвиденото сообраќајно решение утврдува одржливост на објектот ниту е јасно дали воопшто е сработено сообраќајно решение со кое ќе се увиди дали постоечката сообраќајна инфраструктура може да го издржи предвидениот нов сообраќај.
-Одлуката да се гради се донесува и покрај забелешки од жители доставени во декември 2015 и јануари 2016 год. со анкетни ливчиња и на средба со градоначалникот за оваа парцела, но и за севкупниот нацрт ДУП за градска четврт 3 12 Градски парк 1 и дел од Дебар Mаало 2.