До Основното јавно обвинителство вчера пристигналa иницијативата од Државната комисија за спречување на корупција за кривично гонење на овластени лица во политичка партија поради сомнежи за незаконско финансирање на изборна кампања.
Како што велат од обвинителството за Фокус, иницијативата ќе биде распоредена кај надлежен јавен обвинител и ќе се постапи согласно Законот за кривична постапка во насока на утврдување на фактичката состојба и евентуалната кривична одговорност.
Инаку, Антикорупциската комисија на седница одржана пред Нова година донесе заклучок да покрене иницијатива пред ЈО за поведување постапка за една политичка партија за незаконско финансирање за време на финансирање на изборната кампања на ланските избори.
Ваквата одлука на антикорупционерите следува откако, посочија од таму, добиле одговор од Управата за финансиско разунавање чија содржина ги потврдила нивните наводи и сомнежи за незаконско финансирање на една политичка партија.
Сепак, од таму не откриваат за која политичка партија станува збор, ниту за каков вид на забрането финансирање се работи (буџет, здружение, фондација, компанија со странски капитал…), со образложение дека постапката во оваа фаза е тајна и доверлива.
Покрај овој случај, до овој момент во обвинителството не се поднесени други кривични пријави, ниту, истакнуваат од таму, се оформени други предмети во врска со финансирањето на изборната кампања за парламентарните избори во 2020 година.
В.С.