Откако СДСМ претрпе убедлив пораз на ланските парламентарни избори, кога постигна историски најлош резултат со освоени околу 150 илјади гласови, нов партиски лидер на местото на Димитар Ковачевски стана Венко Филипче, кој најави консолидација и реорганизација на партијата и нејзино враќање на победнички патеки.
Првиот предизвик и тест за новото сдсмовско раководство на чело со Филипче дојде околу една година подоцна на локалните избори, кога СДСМ повторно доживеа пораз и неуспех, со оглед дека освои само неколку градоначалници, додека на советничките листи освои помалку гласови во споредба со парламентарните избори, со тоа што треба да се има во предвид дека се намали коалицијата на социјалдемократите.
Таквата ситуација резултараше со повлекување на целото раководство на опозициската партија со исклучок на Филипче, кој веднаш по изборите изјави дека ја презел партијата во исклучително лоша состојба и воедно најави дека ќе продолжи да работи на процесот на нејзина консолидација.
Во меѓувреме, дојде до одредени рокади и освежувања во врвот на СДСМ, така што генерален секретар остана Александар Димитриевиќ, нови партиски потпретседатели станаа кандидатот за градоначалник на Аеродром Александар Трајановски и актуелната пратеничка и ексминистерка за труд и социјала Јована Тренчевска, додека довчерашната потпретседателка Ана Чупеска застана на чело на советодавно тело.
Но, додека од Бихаќка порачуваат дека со нови сили, односно со комбинација од искусни кадри и млади лица влегуваат во процес на разоткривање на, како што велат, криминалите и предавствата на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со цел по следните парламентарни избори, без разлика дали ќе бидат редовни или предвремени, да ја преземат власта, во позадина се случуваат и други процеси.
Според неофицијални информации на „Фокус“, покрената е иницијатива од страна на поранешни високи партиски и јавни функционери, кои се незаводоволни од начинот на кој моментално се управува со СДСМ, па дури и се противат на многу политики и постапки на матичната партија.
Добро упатени извори велат дека двигателите на оваа иницијатива, како и оние што ја поддржуваат и се приклучуваат кон неа, изразуваат скептицизам дека актуелното лидерство на партијата може да акумулира поголема поддршка од оваа сега, поради што стравуваат дека партијата ќе стагнира, па дури и дополнително ќе назадува.
Односно, додаваат нашите соговорници, тие сметаат дека ако целта е СДСМ повторно да ја врати старата слава и да дојде во позиција да претендира да ја освои власта, потребно е лидерство и раководство кое без никакви калкулации и компромиси ќе отвори фронт против ВМРО-ДПМНЕ на идеолошка, политичка и други основи.
Сепак, сознанијата до кои дојдовме укажуваат дека оваа иницијатива не е конципирана како иницијатива за промени во СДСМ по пат на внатрешен судир, туку повеќе како иницијатива за создавање на силен и победнички СДСМ, што, според припадниците на иницијативата, може да се оствари само со заеднички сили и низ еден инклузивен процес.
Оттука, посочуваат нашите извори, оваа иницијатива не треба да резултира со изострување на конфликт со актуелниот лидер Филипче, туку треба да подготвува политички концепт и кадровска понуда со кои ќе настапи на сцена кога ќе созреат услови, при што се проценува дека тој момент би можел да дојде веднаш по следните парламентарни избори, без оглед дали тие би биле во редовен или предвремен термин.
–Оваа иницијатива не е насочена против никого, но едноставно ферментира ставот дека е доста од ова. СДСМ има 7 отсто рејтинг и ако нешто не се промени ќе го доживее она што му се случува на Џилас во Србија, односно 15 години во опозиција. Но, тоа не значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане толку на власт. Дека просторот нема да остане празен тоа се виде со Левица во Скопје – вели поддржувач на иницијативата.
Инаку, дознаваме дека дел од оваа иницијатива се многу познати лица кои биле дел од структурите на СДСМ или пак гравитирале околу оваа партија, меѓутоа, според политичката тежина и габарит од минатото, може да се издвојат поранешниот потпретседател на СДСМ Игор Ивановски и поранешниот генерален секретар Андреј Петров.
Добро упатени соговорници објаснуваат дека Петров и Ивановски речиси идентично размислуваат во врска со политичкиот пат на СДСМ, па не би било изненадување доколку, кога ќе проценат дека дошло време, настапат заеднички како тим при барање на поддршка за раководење на СДСМ.
За потсетување, Ивановски беше потпретседател на СДСМ и вршел други високи партиски функции, пред се во времето кога партиски лидер беше Бранко Црвенковски. Паралелно со тоа, тој беше пратеник, а неколку години ја вршеше и функцијата координатор на пратеничката група на социјалдемократите.
По повлекувањето на Црвенковски од лидерската позиција во СДСМ по поразот на локалните избори во 2013 година, Ивановски најави кандидатура за партиски лидер. Арно ама, во последен миг се повлече од трката, па на чело на партијата дојде Зоран Заев, откако го порази Зоран Јовановски.
Што се однесува до Петров, пак, тој беше градоначалник на Карпош и генерален секретар на СДСМ во време на Црвенковски, но се пасивизираше од партискиот живот по пензионирањето на Црвенковски и преземањето на лидерската палка од страна на Заев.
Впрочем, така беше се до повлекувањето на Заев од политиката и доаѓањето на Ковачевски на лидерската позиција во СДСМ во 2021 година, кога Петров повторно стана дел од Извршниот комитет на партијата, додека камбек на Бихаќка направи и Ивановски, кој застана на чело на новоформираниот Совет за креирање и имплементација на политики.
По доаѓањето на Филипче на чело на СДСМ, тие не се дел од партиското раководство, но, според динамиката како се одвиваат работите, можно е во блиска иднина заеднички да бараат одговорност да ја водат партијата. Во врска со тоа, стапивме во контакт со Петров, но тој одби да коментира на оваа тема.
Каков ќе биде крајниот исход, во голема мера ќе зависи и од тоа како на краток рок ќе се развива СДСМ и пред се како ќе помине на следните парламентарни избори. Ако тогаш резултатот повторно биде незадоволителен, притисокот врз актуелното раководство ќе биде преголем, па прашање е дали ќе може да го издржи до некои следни избори.
Влатко СТОЈАНОВСКИ