Познатиот инфлуенсер Јован Радуловиќ Јоџир поднесе потписи за својата претседателска кандидатура до Државната изборна комисија на Црна Гора. Неговиот хумор привлекува се повеќе следбеници на социјалните мрежи. Во своите видеа тој критикува општествени и политички случувања, кажува вицеви и раскажува случки од неговиот живот.
Јоџир има 239.000 следбеници на Инстаграм, 138.000 на Фејсбук и над 80.000 на Тик Ток, додека неговиот канал на Јутјуб наречен „Пијан електричар“ го следат над 30.000 корисници. Неговата популарност се рашири во регионот лани, кога при посетата на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ на Црна Гора, му пријде за време на вечерата и му го кажа овој виц:
– Надал и Федерер играат тенис.
– Кој е тоа? – праша Ѓоковиќ.
– Оној малиот од Швајцарија – одговори Јоџир и продолжи: – И Федерер го добива, го гази Надал и му вели: „Брате, знаеш дека јас сум Ѓоковиќ за тебе“.
Јоџир вели дека на земјата ѝ треба некакво освежување и дека тој би можел тоа да го обезбеди. Им порачува на граѓаните дека ќе биде весело.
– Не ветувам кули и градови, како што ветуваат тие и ништо не исполнуваат. Се обидуваат да ги фасцинираат луѓето со плати, пензии, а потоа само не изневеруваат и нас и државата. Ветувам дека ќе биде убаво и весело. Немам некои големи очекувања. Сакам да се обидам да ја водам државата на вистинскиот пат. Граѓаните да гласаат за мене затоа што се разликувам од другите, не лажам и сум оригинален – изјави Радуловиќ при собирањето потписи за неговата кандидатура.
Во трката за претседател на Црна Гора се пријавија осум кандидати, а Државната изборна комисија досега потврди тројца. Единствена дама меѓу кандидатите е Драгиња Вуксановиќ Станковиќ од Социјалдемократската партија. По долго двоумење, актуелниот шеф на државата и лидер на ДПС Мило Ѓукановиќ ја прифати трката за нов мандат.