Со мала корекција, зголемувајќи ја основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, Народната банка ја затегна монетарната политика, како одговор на растечката инфлација. Растот на основната каматна стапка е сигнал за поскапување на парите и вообичаено и банките реагираат зголемувајќи ги каматите, со што кредитите стануваат поскапи.
Основната каматна стапка, всушност е каматата за благајничките записи. Основната функција на благајничките записи (хартии од врдност што ги издава Народната банка) е управување со ликвидноста на банкарскиот систем.
Благајничките записи се нудат на ауција на кои може да учестуваат само банки, и сега тие за овие хартии од вредност треба да платат повисока цена, објаснуваат економистите.
„На седницата на Комитетот беше одлучено да се зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 п.п., пред се како превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања, во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период. При донесувањето на ваквата одлука во фокус беа најновите движења кај инфлацијата и инфлациските очекувања. Инаку, износот на понудата на благајнички записи на денешната аукција е непроменет, односно 10 милијарди денари“, информираше Народната банка.
Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата продолжи да забрзува и во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8 проценти. Главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради растечките увозни цени. На нив отпаѓа повеќе од три четвртини од растот, забележува Народната банка.
С.Т.