Четири нови инвестиции со вкупен обем од над 150 милиони евра се во завршна фаза на преговори, посочува премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за МИА.
-Она што е важно е да се креираат нови работни места во приватниот сектор, кој треба да е мотор на економскиот раст во државата. Токму затоа ние создаваме услови компаниите да се развиваат и да исплаќаат повисоки плати, од просечната. Во таа насока, сакам да напоменам дека новите инвестиции и новите вработувања се нов стимул на економијата – вели Ковачевски.
Како што рече тој, инфлацијата опаѓа и тој тренд ќе продолжи, а економските мерки го даваат посакуваниот резултат.
-Оваа година, како и претходната ја живеевме најголемата економско-енергетска криза која светот ја познава во поновата историја. Ние како земја се изборивме, да го ублажиме ценовниот шок и при тоа не дозволивме ценовен удар врз граѓаните, пред се предизвикан од високата цена на електричната енергија како и на храната – рече Ковачевски.
Тој додаде дека Северна Македонија успешно се справи со енергетската криза, а тоа го покажаа и резултатите на Светска Банка.
-Токму поради навремените чекори на Владата, земјава претрпе најмала штета во регионот. Паралелно, она што е факт е дека во услови на најголемата криза, оваа Влада предводена од СДСМ донесе системски решенија за подобрување на стандардот на граѓаните кои години наназад се провлекувале и не се ставале на маса за да бидат решени во заеднички дијалог со сите засегнати страни – рече Ковачевски.