Трошоците на животот во септември годинава, во однос на септември лани бележат зголемување од 3,7 отсто, а цените на мало од 5,6 проценти, што е најголем раст годинава. Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците на животот во септември во споредба со претходниот месец се помали за 0.1, а цените на мало за 0.5 отсто.
Намалување на индексите на трошоците на животот е забележано кај свежото и разладеното овошје за 4.4 и млекото за 0.3 проценти.
Пораст на трошоците на животот во септември има кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 2.5 проценти, пивото за 0.7 проценти, рибата и морските плодови за 0.4 проценту, маслото и маснотиите, мебелот и покуќнината за 0.2 проценти.
Премиерот, Зоран Заев вели дека со државните резерви секогаш сме подготвени да интервенираме доколку се забележат некои пикови кои би влијаеле на севкупната економија и врз цените на основните производи, зејтин, брашно, млеко, јајца.
-Финансиски сме стабилни и секогаш сме подготвени, согласно праксата дома, но и праксата во европските земји со нашиот заеднички пазар со Европската Унија, навремено да дејствуваме, рече Заев.
Тој посочи дека државата веќе развила многу механизми и алатки за помагање. Дел, како што рече, веќе се реализирани, а тоа е намалување на ДДВ за електрична енергија како главен импакт на цената на чинење на производство на одредени производи.
-Во такви околности истовремено се преземаат други дејствија, односно сите наши потенцијали и капацитети за производство на дополнителни количини на електрична енергија да ги ставиме во погон. Апелиравме до деловните комори да ги анимираат сите деловни луѓе, компании кои што можат да придонесат во обезбедување и набавка на нови дополнителни количини јаглен надвор од државата, затоа што домашните ресурси ги користиме максимум, се со конечна цел да имаме дополнително производство на електрична енергија, рече Заев.
Тој истакна дека ќе се обезбеди поевтино производство на електрична енергија, која, наведе, прво е гарант за домаќинствата, второ, ќе биде алатка за помош на јавните институции и трето, ќе биде алатка за помош на стопанството.
-При ваквите механизми директно ќе можеме да им помагаме во оние важни или базични продукти кои допираат еднакво до сите граѓани, но и до сите други продукти или производи во кои што цената на чинење е значително изречна преку електричната енергија, да може да се носиме заедно со останатиот свет, додаде премиерот.