Инфлацијата почна да забавува, помогнато од пониските цени на енергијата и храната, но и како резултат на затегнувањето на монетарната политика, заклучи мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) која престојуваше во Македонија на почетокот на јуни.
„Во тек е економско закрепнување на Македонија, со реален раст на БДП проектиран на 2,1 отсто оваа година, а 3,4 проценти следната година. Потрошувачките цени се очекува годинава да пораснат во просек за 9,2 отсто, 3,5 отсто следната година, а до 2026 година да се вратат на 2 отсто“, стои во прелиминарните наоди на мисијата на ММФ.
Од Народната банка на Мaкедонија соопштија дека според заклучоците на ММФ монетарната политика на Народната банка придонесе за стабилизирање на инфлациските очекувања и постепено намалување на инфлацијата.
„Банкарскиот сектор е стабилен и има доволен капацитет да се справи со последиците од затегнатите финансиски услови и другите шокови“, објави во своите заклучоци ММФ.
Според ММФ Народната банка ја продолжи нормализацијата на монетарната политика преку зголемување на каматите, но и преку користење други мерки за да се осигури дека високата инфлација нема да потрае.
„Покрај придонесот за постепено намалување на инфлацијата и стабилизирање на инфлациските очекувања, монетарните мерки придонесоа и за стабилноста на девизните резерви. Имајќи го предвид фиксниот девизен курс на денарот, девизните резерви се најважната алатка во одржувањето на неговата стабилност“, стои во заклучоците на ММФ.
Банкарскиот сектор е ликвиден, профитабилен и соодветно капитализиран, а од ММФ посочуваат дека позитивните тековни услови треба да се искористат за натамошно зајакнување на капиталот.
„ММФ ги поддржува макропрудентните мерки коишто ги усвои неодамна Народната банка, а коишто се однесуваат на квалитетот на кредитната побарувачка, за кои наведуваат дека се важна алатка за управување со ризиците во секторот недвижнини“, соопшти Народна Банка на Македонија.