Работници од Индија, кои сакаат да си ја пробаат среќата во Македонија, имаат можност да добијат вработување со обезбедено сместување и храна. Огласите за достапните работни позиции се објавени на страницата на компанијата за вработување Jobstars India, каде се појаснети условите, како и работните позиции кои се достапни за индијските работници.
Потенцирано е дека за вработените е обезбедено сместување и храна, а најчестите работни позиции кои се нудат се хигиеничари, за месечна плата од 550 до 650 евра, како и плочкари, ѕидари и работници кои можат да работат со природен камен, за истата плата.
За возачи со Ц категорија платата е од 550 до 700 евра месечно, а највисока плата се нуди за машинските инженери, и тоа од 750 до 850 евра месечно.
Во конкурсот за работа кој е објавен денес, појаснето е дека Македонија е земја со богато културно и историско наследство, која изобилува со природни убавини, езера, планини и живописни пејзажи.
Вики Клинчарова