Индија го презеде од Русија третото место на најпогодена земја во светот со Ковид-19, со речиси 700.000 случаи на инфекција, покажуваат најновите податоци, а епидемијата во таа земја не покажува знаци на забавување.
Министерството за здравство денеска соопшти дека во последните 24 часа се регистрирани 23.000 нови случаи на заразени, што е нешто помалку од рекордните 25.000 новозаразени, регистрирани вчера.
Во Индија досега почина 20.000 луѓе од првиот случај на инфекција, кој е регистриран во јануари.
Таа земја сега го зазема неславното трето место на најпогодените земји во светот, зад САД и Бразил.
Бројот на случаи во Индија е осум пати поголем од оној регистриран од Кина, која има сличен број на население и каде вирусот се појави кон крајот на минатата година.
Властите денеска информираа дека ја повлекуваат одлуката за отворање на најпознатата туристичка атракција Таџ Махал, со оглед на зголемениот број заразени во тоа подрачје.