Во Индексот за глобална здравствена безбедност за 2019 година што претседателот Доналд Трамп вчера го покажа на прес конференција за мерки за борба со коронавирусот, посочувајќи дека САД се први во светот за справување со кризи од биолошки вид, Северна Македонија се наоѓа во групата “доволно подготвени“ земји.
Индексот, што се објавува еднаш годишно од универзитетот Џон Хопкинс во Вашинтон, опфаќа 195 земји по светски региони, и ја покажува колективната меѓународна подготвеност за борба со епидемии и пандемии од инфективни заболувања како вируси.
Иако претседателот Трамп покажа дека САД се најподготвени да одговарат на ширење на епидемии и се рангираат први со 83.5 поени од можни 100, истражувачите од Џон Хопкинс укажуваат дека средниот резултат на глобално ниво е 40.2 поени, а кај земјите со висок животен стандарт е 51.9 поени.
Колективно, меѓународната спремност за епидемии и пандемии е слаба, се посочува во индексот.
-Националната здравствена безбедност е фундаментално слаба на светско ниво и ниту една земја не е целосно спремна за епидемии или пандемии, додека секоја земја има празнини кои треба се адресираат. Земјите не се подготвени за глобална катастрофа од биолошки карактер, се наведува во извештајот.
Индексот ја покажува здравствената безбедност и потенцијал за справување со епидемии во шест категории: превенција, детектирање, одговор, здравство, регулации и ризици. Поставени се 34 индикатори и 85 суб-индикатори. Земјите се поделени во три групи: „најподготвени“, „доволно подготвени“ и „најмалку подготвени“.
После САД, на второ место во групата „најподготвени“ земји се Велика Британија со 77.9 отсто, на трето е Холандија со 75.6 поени. По нив следуваат Австралија, Канада, Тајланд, Шведска и Данска кои имаат од 70 до 75.5 поени и се во првите десет нај подготвени земји за справување со кризи од биолошки вид како епидемии и пандемии.
На Балканот, Северна Македониија се наоѓа на 90. место во групата „доволно подготвени“ земји кои можат да се справат со инфекциски заболувања и епидемија и доделени 39.1 поен, во близина се Босна, на 79. место со 42.8 поени и Црна Гора, на 68. место со 43.7 поени.
Според Индексот за глобална здравствена безбедност, Грција е најподготвена во регионот да се справи со епидемии и се наоѓа на 37. место со 53.8 поени, Хрватска е на 38 место со 53.3 поени. По нив доаѓаат Албанија, Турција и Србија на 39, 40 и 41. место со 52.9, 52.4 и 52.3 поени по редослед, сите во групата „доволно подготвени“ земји за справување со инфекциски заболувања и епидемија.