,,Империја” не завршува тука за Камчев, Русковска го заборави делот за МПМ и за офшор компаниите

by fokus

Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска синоќа изјави дека “Империја” завршува за бизнисменот Орце Камчев, со направената спогодба со која призна вина, и потенцираше дека тој нема за овој предмет да влезе во судница.

Но, официјалното соопштение објавено од страна на Обвинителството го тврди спротивното, бидејќи за Камчев се затвори само еден дел од случајот, кој е поделен на повеќе делови.

-За останатиот дел од истражната постапка позната во јавноста како „Империја“, во која е опфатен период по 2009 година, како и стечајната постапка на МПМ, постапката продолжува, течат роковите во кои согласно закон обвинетите и одбраната имаат право на увид во доказите и предлагање на докази. По истекот на овие рокови предметниот обвинител ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука, се вели во соопштението.

Ова значи дека Камчев спогодбата ја направил за дела кои обвинителството му ги ставаше на товар за периодот од 2004 до 2009 година, односно за затаен данок од 5,2 милиони евра, кој се согласи да го плати и за кој доби затворска казна од една година. Поточно, тој со спогодбата призна вина за делот за кој тврдеше дека обвинителката Лиле Стефанова му го конструирала, за да може екс специјалната обвинителка Катица Јанева да го рекетира.

Делот пак од „Империјата“, кој го опфаќа периодот од 2009 година до 2018 година, а се однесува на перење на пари преку офшор компании, поради што и е замрзнат имотот на „Ексико“, „Дивелоп Груп“ и дел на „Бествеј“ продолжува и за него се очекува обвинение.

Исто така Камчев е еден од осомичените и во делот кој произлезе од „Империја“, односно случајот „МПМ“. За овој дел осомничени се и Срѓан Керим, кој е еден од 26-те членови на Стратешкиот совет за надворешна политика на МНР и поранешната директорка на МПМ, Јасна Станисављева. Неофицијално, тие се гонат за лажен стечај, злоупотреба на службената положба и злоупотреби на средствата на доверителите.

Постапка за овој случај најпрвин имаше отворено Основното јавно обвинителство по пријава поднесена од Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, но надлежноста за испитување на евентуален економски криминал ја презеде СЈО.

Тогаш истражители на СЈО влегоа во просториите на МПМ, чиј сопственик до пред истрагата беше Графички центар Скопје (ГЦС), кој беше во сопственост на Орка Холдинг на Камчев. Медиа Принт Македонија пак е во стечајна постапка, а доверителите останаа со ненаплатени долгови.

Поранешните новинари и поранешни вработени во МПМ кои останаа и без работа и без плати, во отворено писмо до јавноста Керим го нарекоа гробар на најквалитетните весници во Македонија.

Можно е само овој случај, поради надлежноста, од Обвинителството за организиран криминал да се пресели во скопското обвинителство.

Поврзани новости