Европската комисија го објави нацрт на скрининг извештајот за Македонија кој се однесува на главното преговарачко поглавје „фундаментални права“, кое ги допира и бугарските барања. Извештајот треба да биде прифатен од земјите членки откако ќе го разгледаат и евентуално ќе искажат забелешки.
Како што објави „Независен“, во делот за корупцијата и одземањето на имотите, каде што стои дека нашата држава треба да донесе нов закон со кој ќе се одзема имотот на криминалците, па дури и ако ги кријат во странство.
„Конфискацијата на криминални средства не се користи доволно во кривичната постапка. Не постои стратешки или систематски пристап за идентификување и конфискација на криминални средства лоцирани во странство или недостапни. Конфискацијата на криминалните средства треба да стане стратешки приоритет во борбата против организираниот криминал, тероризмот и корупцијата на високо ниво во земјата“, стои во скрининг извештајот.
За имплементацијата на стратегијата за борба против корупцијата стои дека е многу бавна, дека се остварени само 10 отсто од активностите планирани до 2020 година, дека има јасен недостиг на политичка волјка во институциите за тоа, дека продолжуваат да се истражуваат и отвораат судски случаи за високопрофилна корупција, но дека бројот на тие што завршиле успешно е ограничен, односно дека има дискрепанца меѓу бројот на покренати и бројот на завршени судења, при што многу од нив застареле пред да дојдат пресудите. Оценката притоа е дека корупцијата е широко распространета во многу области на јавниот и финансискиот живот и предизвикува и натаму сериозна загриженост во ЕК. Затоа, зголемувањето на бројот на изречени преасуди станува стратегиски приоритет за ЕК.
Недостиг на политичка волја се регистрира и околу реформата на јавната администрација, иако се забележува дека е подготвена законската регулатива. Според извештајот, постои нефер разлика во платите, нетранспарентност за износите, а додатоци на платата се даваат без јасни критериуми. Особено критичен е делот на т.н. „Балансер“ кој, според оценката во извештајот, „повеќе не ги исполнува целите, бидејќи процентот во формулата не ги одразува пописните податоци за населението“.