Пишува:
Кирил ЕФРЕМОВСКИ
Пред само два дена, вториот човек на САД, потпретседателот Џозеф Бајден во Загреб, осврнувајќи се на ситуацијата во Македонија, меѓу другото, рече: „Се надевам и ги охрабрувам политичките лидери да ги отворат вратите за интеграција и да ги надминат проблемите, вклучувајќи го и оној за името со Грција“.
Јас се надевам дека македонските политички елити, а особено тие што имаат најголема моќ да влијаат врз процесите и врз решавањето на проблемите, сериозно ја разбраа пораката, бидејќи, трагично, најголем дел од македонските медиуми, освен штурото агенциско пренесување на веста, не придадоа никакво значење на пораката упатена oд заменикот на Обама, ниту, пак, истата посериозно ја истретираа.
Не гаам илузии дека Груевски има сериозна намера и желба да го реши овој проблем, напротив тој осум години покажува дека нема такви намери, но поради останатите безбедносни и економски закани, станува сѐ поверојатно дека „квасецот е предвреме стасан“.
Поради опасноста и реалната можност од нови терористички напади во регионот и сѐ покомплицираните прашања поврзани со бегалската и мигрантска криза во Европа, мошне извесно е дека администрацијата на Барак Обама токму овој период ќе ги вложи своите последни големи напори за да влијае врз решавањето на уште некое од регионалните и внатрешните прашања на државите од Балканот, пред да го заврши својот мандат наредната есен.
Регионалната посета на државниот секретар на САД, Кери веќе следната недела потврдува дека поширокиот регион на Балканот сериозно е во фокусот на САД, а Македонија, повторно и за жал, не е ниту попатна станица за првите луѓе на Вашингтон, без претходно затворање на останатите регионални и безбедносни прашања.
Помалку е наивно да се верува дека гломазната администрација на САД би ја третирала повисоко на својата агенда Македонија и нејзините внатрешни прашања и криза, без сериозно отворање и решавање на прашањето и спорот за името со соседна Грција.
Македонија одамна не е никаков играч на Балканот, како на пример Албанија или Србија. Затоа доколку нема сериозно третирање на овој регионален спор меѓу Македонија и Грција и негово скоро решавање, кој, пак, геополитички е предуслов, меѓу другото, и за целосна безбедносна интеграција на регионот во НАТО, македонската внатрешна криза и конфликт не можат да стасаат ниту до првите десет луѓе на американскиот Стејт департмент, а камоли, пак, овие прашања да се префрлат на третирање и одлучување во Белата куќа.
Во домашни рамки, третирање на ова прашање е посакуван исход или, пак, само „wishful thinking“ за сите што се декларираат за слободоумни, еврофили и проамерикански настроени. Односно, сите што ѝ посакуваат интеграција на Македонија во НАТО, а, пред сѐ, тие на кои им останува оваа земја.
Дали, пред сѐ, поради борбата против тероризмот и новите закани, САД решиле дека мора да го затворат безбедносниот бедем на Балканот, со што и дводеценискиот спор на Македонија со името е стасан за решавање, па влегуваме во финале, или е само посакуван исход, но без претходно подготвено решение, сѐ поизвесно е дека ќе се знае веќе следното лето.
И во едниот и во другиот случај, а како што обично бидува во ваквите процеси, граѓаните ќе бидат изоставени од соопштувања на детали и сѐ ќе се одвива далеку од очите на јавноста. Затоа дури и на најголемите евроскептици и на најголемите мегафони на преродбата треба да им стане јасно дека Македонија нема друга алтернатива.
Ние имаме усвоено парламентарна декларација и стратегија за евроатлантско интегрирање, и тоа е прашањето по однос на кое треба повторно да го потврдиме нашиот национален консензус и унитарност.
Доколу следните месеци се периодот кога дводеценискиот спор за името треба да се реши, ајде веќе еднаш да го сториме тоа! Груевски, Заев или, пак, можеби некој сосема трет ќе мора да го затвори ова прашање во скоро време, дури и без да сака. И тука нема да има отстапки. Отстапките во случајот ќе мора да ги направат тие од „Гоцевата раса на тераса“ или ако тие не сакаат да ги направат, да се помират со тоа што некои други би го направиле.
Ние ќе бидеме овде и понатаму да ги убедуваме и потсетуваме на важноста и нужноста од таквото решавање и тоа дека сериозни отстапки мора да се направат. Сето тоа е неминовно дека мора да се случи и нашето уставно име конечно да претрпи сериозни промени.
Кога фокусот на американската дипломатија и останатите светски сојузници повторно се на овој регион, ние тоа треба да го искористиме. Така би направила секоја сериозна држава и секој одговорен политичар и лидер.
Дали некој ќе реши да ја отвори вратата од својот дом и нѐ покани да влеземе, ќе видиме наскоро, но она што прво треба да го знаеме е дека не треба да сме тие што самите ја затвораме вратата дури и пред да нѐ викнат. Чунки, далеку подобро е името на државата да содржи нешто друго, отколку еден од атрибутите на името и понатаму да биде југословенска и бивша.