Именувани 20 министри во новата црногорска влада

by fokus

По тримесечна институционална блокада и повеќечасовна расправа, пратениците во Собранието на Црна Гора синоќа, во отсуство на Демократскиот фронт и Демократска Црна Гора, а со поддршка на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ, избраа нова влада, чиј премиер ќе биде Дритан Абазовиќ.

Новата влада е претставена како „европска“ и ќе ја замени претходната извршна власт предводена од премиерот Здравко Кривокапиќ, во која Абазовиќ беше потпретседател и координатор на безбедносните служби.

Владата ќе има 18 ресори, 20 министри, од кои двајца се без ресор, како и четворица потпретседатели.

Вицепремиерка за надворешна политика, евроинтеграции и регионална соработка и министерка за европски прашања е Јована Маровиќ, вицепремиер за економски систем и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде Владимир Јоковиќ, вицепремиер задолжен за политички систем и внатрешна политика и министер за одбрана е Рашко Коњевиќ и вицепремиер задолжен за регионален развој и министер за капитални инвестиции е Ервин Ибрахимовиќ.

Министер за правда е Марко Ковач, министер за внатрешни работи Филип Аџиќ, министер за финансии е Александар Дамјановиќ, министер за надворешни работи Ранко Кривокапиќ, министер за економски развој и туризам Горан Ѓуровиќ, министер за спорт и млади Василије Лалошевиќ, министер за јавна администрација Мараш Дукај, министер за труд и социјална заштита Адмир Адровиќ, министер за образование Миомир Мијо Војиновиќ, министер за здравство Драгослав Шќекиќ, а министерка за култура и медиуми Маша Влаовиќ.

Нова министерка за екологија, просторно планирање и урбанизам е Ана Новаковиќ Ѓуровиќ, министер за човекови и малцински права е Фатмир Ѓека, министерка за наука и технолошки развој Биљана Шќепановиќ, а министри без ресор се Зоран Миљаниќ и Адријан Вуксановиќ.

Поврзани новости