Имав намера да свикам лидерска, но не гледам веќе причина за тоа, рече Заев

by fokus

Премиерот Зоран Заев не гледа причина да свика лидерска средба по денешната објава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Фејсбук во која вели дека претседателот, Стево Пендаровски го загубил кредибилитетот за организирање на лидерски средби и дека на средбата бара да се разговара за техничка влада, лошата состојба со корона кризата, лошата економска ситуација.

Заев вели дека имал намера да свика лидерска средба на која би информирал за ситуацијата со Бугарија, но по објавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека на средбата ќе се разговара за техничка влада, за неспособноста на здравствениот систем и за неуспехот со Бугарија, не гледа причина за свикување на ваква средба.

– За што да свикам лидерска средба? Јас не се согласувам воопшто со ова затоа што Владата покажа пример на пријателство и продолжува да гради пријателство. Покажа дека ги има своите црвени линии и никогаш не помислува да погази било какви интереси. За жал не ја добивме првата меѓувладина конференција, која верувам дека ќе ја добиеме час поскоро затоа што целосно ја заслужуваме. 26 земји членки се комплетно позади нашите позиции. Успешно се справувавме и со здравствената криза, еднакво и многу подобро од многу други земји, рече Заев, додавајќи дека ќе бара други алатки за информирање.

Коментирајќи го ставот на опозицијата дека нема да присуствува на лидерска средба свикана од претседателот на државата, Заев со став дека таквиот однос е несоодветен.

-Стево Пендаровски го загуби кредибилитетот за организирање на лидерски средби, по низа скандали во неговото работење, вклучувајќи ги сведочењето на реисот и доделувањето на мандатот на Зоран Заев, без доказ за поседување на парламентарно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ ги замрзна односите со Пендаровски. Средба кај Претседател кој е без свој став или следи став на еден политичар, не прифаќаме.
Барав и барам средба со лидерите на партиите од власта и опозицијата, на која ќе се дискутира за спорот со Бугарија, бидејќи јавноста и опозицијата не смеат целосно да се исклучени од овој процес.
Да дискутираме и за:
⁃ исклучително лошата состојба со корона кризата;
⁃ потребата за техничка влада по дебаклите на Владата;
⁃ екстремно лошата економска ситуација, напиша Мицкоски.

Поврзани новости